Европа
Германска студија: Повеќето од пациентите кои оздравеле од коронавирус имаат проблеми со срцето
Две нови студии од германски научници покажаа дека повеќе од три четвртини од пациентите кои оздравеле од Ковид-19 имаат проблеми со срцето, дури и ако нивната состојба не бара хоспитализација.
Лекарите ги споредиле резултатите од магнетната резонанција на срцето (МРИ) на сто оздравени од Ковид-19 со резултатите на сто лица кои не биле заразени со коронавирус. Просечната возраст на испитаниците била 49 години, а две третини од пациентите оздравеле дома.
Се покажало дека повеќето пациенти, 78 од нив, претрпеле сериозно оштетување на срцевиот мускул, како оние што се јавуваат по срцев удар.
Шеесет и седум пациенти оздравеле дома, а 33 биле хоспитализирани.
„Фактот дека 78 проценти од пациентите кои оздравеле од Ковид-19 развиле сериозни проблеми со срцето укажуваа дека болеста кај повеќето остава последици врз срцевиот мускул, иако не постојат вообичаени симптоми на срцеви заболувања, како што се болка во градите што ја придружува ангина пекторис“, објасни д-р Валентина Пантман, кардиолог во Универзитетската болница Франкфурт, која ја спроведе студијата за МНР. Таа додава дека штом на пациентот ќе му се дијагностицира Ковид-19, треба да се дејствува и да се следи состојбата на срцевиот мускул.
Втората студија ги анализирала наодите од обдукција на 39 лица кои починале на почетокот на пандемијата и чија просечна возраст била 85 години. Кај 24 од нив биле откриени високи нивоа на вирус во срцевиот мускул.
И двете студии сугерираат дека луѓето заразени со Ковид-19 се со поголема веројатност да развијат проблеми со срцето подоцна во животот, вели д-р Метју Томи, кардиолог и доцент на Медицинскиот факултет Икан, кој работи во рамките на здравствениот систем на мрежата на болницата „Маунт Синај“ во Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

