Свет
Гејтс: Спасувам животи, а некои ме обвинуваат дека убивам
Бил Гејтс, ко-основачот на Мајкрософт, милијардер и филантроп, стана позитивна и негативна централна фигура во приказната за Ковид-19.
Добрата вест е дека фондацијата Бил и Мелинда Гејтс вети повеќе од 350 милиони долари за борба против болеста, вклучувајќи пари за производство на вакцини од компаниите „Астразенека“, „Џонсон енд Џонсон“ и „Новавакс“.
Лошата вест е дека антиваксерите и други теоретичари на заговор го обвинуваат Гејтс дека тој го подметнал вирусот од свои изопачени причини. Гејтс вели дека е оптимист оти светот ќе сфати дека теориите се само теории и дека човештвото ќе го победи вирусот, пишува „Блумберг“ кој неодамна објави ексклузивно интервју со него.
Дали сте сигурни дека ефективна вакцина ќе биде достпана низ целиот свет до крајот на 2020 година?
„Првичната вакцина нема да биде идеална во однос на ефикасноста против болеста и нејзиното пренесување. Веројатно нема да се користи долго и најдостапна ќе биде во богатите земји, како мерка за запирање на инфекцијата. Би биле навистина среќни да имаме вакцина пред крајот на годината. Но, во текот на 2021 година, веројатно ќе бидат одобрени голем број вакцини. Најсилниот одговор најверојатно ќе дојде од протеинските компоненти. Со оглед на тоа колку компании работат на случајот, можеме да си дозволиме да направиме неколку грешки, а сепак да добиеме нешто со ниска цена и долго траење“.
Со години луѓето велеа дека антиваксерите би размислувале поинаку ако живееле во време на пандемија, како нивните баби и дедовци…
„Од 2016 двапати сум бил во Белата куќа каде ми кажаа дека треба да ги послушам антиваксерите како Роберт Кенеди Џуниор. Да, иронично е што луѓето ја преиспитуваат ефикасноста на вакцините и едноставно мора да ги прашаме како поинаку би можеле да излеземе на крај со оваа трагична пандемија“.
Со оглед на скептицизмот, дали вакцината за Ковид-19 треба да биде задолжителна?
„Кога нешто станува задолжително, тогаш често се појавуваат повратни реакции. Но, можеби можеме да кажеме дека ќе биде задолжителна за луѓето кои работат во домовите за стари лица или се во контакт со постари лица“.
Што мислите за теориите на заговор дека истражувате вакцина за контрола на човековите умови со помош на 5Г радио бранови и слично?
„Тоа е чудно. Тие го користат фактот дека сум инволвиран во развој на вакцина и потоа го извртуваат истиот, така што наместо дека давам пари за да се спасат животи, излегува дека заработувам со одземање на животи. Ако ова ги одвраќа луѓето да не се вакцинираат или да бидат информирани за најновите податоци за носење маска, тогаш тоа е голем проблем“.
Што мислите, како ќе заврши сето ова?
„Иновациите во терапијата ќе започнат да ги намалуваат стапките на смртност, но вистинскиот крај ќе дојде со ширење на природни инфекции и вакцини кои ќе ни дадат имунитет на стадо. Во богатите земји тоа ќе се случи во текот на следната година, идеално во првото полугодие. До крајот на 2021 година, ќе излеземе од ова“.
Значи, сè ќе биде добро?
„Секако. Имаме среќа што ова не е посмртоносна болест“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.