Европа
Главниот преговарач на Европската Унија: Подготвени сме да ги продолжиме преговорите со Велика Британија

Европската Унија ја префрли топката на британска почва велејќи дека сега останува на Лондон да го направи следниот чекор кога британскиот премиер Борис Џонсон се закани дека ќе ги напушти разговорите за идните трговски односи.
„Потврдувам дека ЕУ е сè уште достапна за интензивирање на разговорите со Лондон оваа недела на сите теми и врз основа на сите законски текстови“, изјави денеска главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, по телефонскиот разговор со британскиот преговарач Дејвид Фрост.
„Сега ја чекаме реакцијата на Обединетото Кралство“, додаде Барние.
Неговата изјава доаѓа во време кога двете страни меѓусебно се обвинуваат за застој во овие исклучително важни преговори. Европските лидери минатата недела ја повикаа Велика Британија да ги преземе неопходните чекори, така што трговскиот договор би бил готов до 1 јануари в година кога истекува преодниот рок по брегзитот.
По излегувањето од ЕУ, Велика Британија влезе во преоден период што ѝ дозволи да тргува со земјите на ЕУ под истите услови како порано.
Џонсон во петокот рече дека преговорите не треба да продолжат доколку ЕУ не преземе фундаментално поинаков пристап. Иако не се откажал целосно од преговорите, Џонсон посочува дека неговата држава е подготвена за сценарио во австралиски стил.
Австралија нема посебен договор со ЕУ, па затоа тргува со Европската Унија според правилата на Светската трговска организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Падна француската влада

Францускиот премиер Франсоа Бајру го изгуби гласањето за доверба што самиот го побара за својата влада.
Француското национално собрание гласаше за негово разрешување со 364 гласа „за“ и 194 „против“, со што се собори неговата малцинска влада.
Bayrou est tombé. Victoire et soulagement populaire. Macron est désormais en première ligne face au peuple. Lui aussi doit partir. pic.twitter.com/MTkCQU6yXH
— Jean-Luc Mélenchon (@JLMelenchon) September 8, 2025
Бајру сега мора да ја поднесе својата оставка до претседателот Емануел Макрон, а според извештаите на француските медиуми, тој ќе го стори тоа утре наутро.
Макрон има неколку опции – ниту една од нив не е особено привлечна, објавува Би-би-си.
Тој би можел да назначи нов премиер, но наоѓањето кандидат кој нема веднаш да биде одбиен од една од главните парламентарни фракции нема да биде лесно. Минатата година, процесот траеше неколку недели. Бајру веројатно ќе остане на функцијата како технички премиер додека не се именува наследник.
Макрон би можел да распише и нови парламентарни избори. Тоа би го променило сегашниот баланс на моќ, но би можело да резултира со уште поубедлива победа за крајно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен.
Друга опција е да се распишат претседателски избори на кои Макрон нема да може да се кандидира бидејќи неговиот втор мандат завршува во 2027 година. Некои парламентарни групи го повикаа да го направи тој потег, но тој постојано повторуваше дека нема да поднесе оставка.
фото: епа
Европа
Францускиот премиер пред заминување: Нашата земја е во голема опасност

Преголемиот долг на Франција го доведува во прашање нејзиниот опстанок, предупреди денес премиерот Франсоа Бајру, пред гласањето за доверба на неговата влада, кое се очекува да го изгуби, што би можело да ја турне втората по големина економија во еврозоната во подлабока криза.
Бајру, четвртиот премиер за помалку од две години, побара гласање за доверба поради акутниот притисок со кој се соочува Франција, со минатогодишниот дефицит кој е речиси двојно поголем од европската граница од 3 проценти од БДП и јавниот долг од 113,9 проценти од БДП.
Тој го предупреди парламентот дека секоја следна влада ќе се соочи со истите проблеми. „Имате моќ да соборите влада, но немате моќ да ја избришете реалноста. Реалноста ќе остане неумолива: трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане потежок и поскап“, им рече Бајру на пратениците.
Опозициските партии јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со него за тоа како да се справи со долгот и ќе гласаат против малцинската влада на Бајру.
„Клучното прашање, прашање на живот и смрт, каде што е во прашање нашиот опстанок… е прашањето за контрола на нашите трошоци, прашањето за презадолженост“, го предупреди Бајру парламентот.
Падот на малцинската влада, што изгледа веројатно, би можел дополнително да ги продлабочи проблемите на Франција во критичен момент за Европа која бара единство, соочена со војната на Русија во Украина, сè подоминантната Кина и трговските тензии со Соединетите Американски Држави.
„Нашата земја има итна потреба од јасност, има најитна потреба од единство. Но, токму поделбата се заканува да преовлада, а го загрозува нејзиниот имиџ и углед.“
Исходот од гласањето за доверба, по говорите на Бајру и лидерите на сите политички групи, би можел да биде познат околу 19 часот по средноевропско време.
фото: принтскрин
Европа
Сојузникот на Фицо ја спореди Украина со Хамас: „Ова е ист вид провоциран конфликт“

Тибор Гаспар, заменик-претседател на словачкиот парламент и пратеник од владејачката партија Смер, ја спореди Украина со милитантната група Хамас.
„Роберт Фицо постојано зборуваше за тоа како ги перцепира дејствијата на Русија. Тој верува дека почетокот на војната е кршење на меѓународното право, но… ова е провоцирана агресија“, рече Гаспар.
Пратеникот отиде подалеку, изедначувајќи ја Украина со Хамас и неговиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. „Ова е ист вид провоциран конфликт како кога терористите од Палестина го нападнаа Израел. Војната се разви на потполно ист начин“, тврдеше тој.
„Киев Индепендент“ пишува дека оваа споредба „ја искривува реалноста со тоа што ја изедначува Украина, суверена држава која се брани од руска инвазија, со Хамас, милитантна група прогласена за терористичка од неколку земји, која масакрирала цивили и земала заложници“.
Откако се врати на власт во 2023 година, Фицо и неговата партија Смер ја прекинаа воената помош за Украина и ги оспорија европските санкции кон Русија. Дополнително, Фицо објави дека ќе го блокира пристапот на Украина во НАТО.
За време на состанокот со Фицо во Пекинг минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го пофали ставот на Братислава како „независна надворешна политика“ која дава „позитивни резултати“. Словачка, заедно со Унгарија под премиерот Виктор Орбан, се соочува со растечки критики од европските сојузници за продлабочување на врските со Москва.
фото: принтскрин