Свет
Големата кашлица се шири во Европа: најранливи бебињата, експертите загрижени поради ниските стапки на вакцинација
Од почетокот на годинава во Чешка починаа две лица како последица на големата кашлица. Во првите три месеци од 2024 година евидентирано е дека 4.253 луѓе биле заразени со голема кашлица, што е најголем број случаи во Чешка од 60-тите. Но, оваа болест не е регистрирана само во Чешка, туку и во други европски земји.
Во Чешка неколку години не се евидентирани случаи на голема кашлица, само минатата година Државниот завод за здравство регистрира еден случај. Првиот заразен 62-годишен маж почина во февруари. Пациентот, кој живеел во старски дом, бил хоспитализиран на почетокот на март, а потоа починала и една жена, пишува чешкиот портал Aktualne.c“.
Околу три проценти од пациентите бараат хоспитализација, велат надлежните во оваа земја.
Заболените се на разна возраст, има 289 над 65 години или околу седум отсто.
Во Велика Британија само во јануари се регистрирани 553 случаи на голема кашлица.
Позната и како пертусис или магарешка кашлица, инфекцијата може да биде особено сериозна за бебињата и доенчињата, па затоа властите повикуваат на задолжителна вакцинација на бремените жени и децата.
Агенцијата за јавно здравје на Холандија е загрижена поради брзото зголемување на бројот на новородени бебиња кои добиваат голема кашлица.
Во последните недели, на речиси 110 деца, меѓу кои 20 бебиња, им е дијагностицирана оваа болест, која може да биде фатална кај новороденчињата. Нивото е повисоко од последниот пик на заразата во 2012 година.
Тјалинг Ленстра, шеф на националната координација за контрола на заразни болести, рече дека епидемијата е концентрирана во појас во кој стапките на вакцинација се пониски отколку во остатокот од земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

