Свет
Грета Тунберг побара „Фејсбук“ да ги цензурира оние што ја критикуваат
Прославената шведска климатска активистка, Грета Тунберг, се закани дека ќе го напушти „Фејсбук“ ако платформата одбие да ги замолчи нејзините критичари, пренесува „Брејтбарт“.
„Јас, како и многу други, се прашувам дали треба да продолжам да го користам ‘Фејсбук’ или не. Дозволувањето говор на омраза, непроверка на фактите и, се разбира, прашањата за мешање во демократијата се меѓу многу, многу други работи што се вознемирувачки“, напиша Тунберг во објавата на „Фејсбук“.
„Постојаните лаги и теории на заговор за мене и за безброј други, секако, резултираат со омраза, смртни закани и на крајот со насилство. Ова лесно може да се запре ако ‘Фејсбук’ сака. Сметам дека непреземањето одговорност е многу вознемирувачко“, додаде таа.
Основачката на Youth Climate Strike досега уживаше слава без преседан поради својот климатски активизам освојувајќи ги левичарските „тешкаши“ како што се Барак Обама, Хилари Клинтон и Илон Маск.
Маск минатиот месец рече дека Тунберг има подобро расудување и повеќе срце од огромното мнозинство политички лидери, Хилари Клинтон ја нарече жестока жена, а поранешниот претседател Обама ја пофали 16-годишната девојка како една од најголемите застапници за нашата планета.
Сепак, Тунберг се нервира поради критиките и сугерира дека оние што се против нејзината крстоносна војна се мешаат во демократијата и треба да бидат цензурирани од „Фејсбук“. Таа ги повика своите обожаватели да го предизвикаат „Фејсбук“ да ги замолчи нивните антагонисти инсистирајќи на тоа „ако доволно од нас бараат промена – тогаш ќе дојдат промените“.
Проблемите на Тунберг со социјалните мрежи не завршуваат со „Фејсбук“. Таа исто така се пожали дека „Твитер“ не сторил доволно за да ја заштити.
„Забележав дека неколку луѓе се обидоа да се претстават како мене или лажно да тврдат дека ме претставуваат за да комуницираат со политичките лидери, познати актери, пејачи и музичари“, напиша таа во твитот.
„Секому со кого е стапено во контакт и кој можеби дури и бил доведен во заблуда од ваквото однесување, му се извинувам. Се надевам дека оние што сакаат искрено да ми пристапат, ќе го сторат тоа по препознатливите канали“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гутереш: Војната во Украина останува дамка на колективната совест
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина, изјави дека оваа војна сè уште останува „дамка на колективната совест“ и повторно повика на итен прекин на огнот.
Во обраќањето на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) по повод четвртата годишнина од руската инвазија, Гутереш ги пофали напорите на Соединетите Американски Држави и другите земји во обидот да се стави крај на војната, но нагласи дека се потребни конкретни мерки за намалување на ескалацијата и создавање простор за дипломатија, објави Ројтерс.
Генералниот секретар предупреди дека борбите директно го загрозуваат безбедното и сигурно работење на нуклеарните постројки на Украина, додавајќи дека „оваа бескрупулозна игра на нуклеарен рулет мора веднаш да престане“.
Гутереш ги повика членките на ОН целосно да ја финансираат хуманитарната помош и нагласи дека секое решение за војната мора да го почитува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници.
Според неговите податоци, повеќе од 15.000 цивили загинале во Украина од почетокот на војната, додека повеќе од 41.000 се повредени, додека меѓу загинатите и повредените има 3.200 деца.
Свет
(Видео) Во своето обраќање до нацијата, Трамп го спомена и убиството на Украинката: „Ќе обезбедиме правда“
Американскиот претседател Доналд Трамп во своето обраќање пред Конгресот ја спомена 23-годишната Украинка Ирина Заруцка, која беше брутално убиена во август 2025 година.
Трамп ја искористи нејзината трагична судбина за да ги критикува политиките кои, според него, им дозволуваат на опасните криминалци да останат на слобода, пишува Украинска правда.
„Таа избега од брутална војна само за да биде убиена во Америка од закоравен криминалец ослободен да убива“, рече Трамп.
Трамп истакна дека и покрај напредокот, опасните повеќекратни престапници продолжуваат да се ослободуваат поради политиките што ги поврзал со демократите.
Потоа се обрати на мајката на Ирина Заруцка, Ана, која беше присутна во салата.
„Вечерва ни е чест да бидеме домаќини на жена која поминала низ пекол, Ана Заруцка. Таа и нејзината прекрасна ќерка Ирина – толку убава, толку прекрасна млада жена – избегаа од воено разурната Украина во 2022 година за да живеат кај роднини во близина на Шарлот, Северна Каролина“, започна Трамп.
„Минатото лето, 23-годишната Ирина се враќаше дома со воз кога едно пореметно чудовиште, уапсено повеќе од десетина пати и ослободено без кауција, стана и дивјачки ја пресече по вратот и телото со нож. Никој никогаш нема да го заборави ужасниот израз на лицето на Ирина додека го гледаше напаѓачот во последните секунди од својот живот. Таа почина на самото место“, продолжи тој.
„Госпоѓо Заруцка, ви ветувам вечерва дека ќе обезбедиме правда за вашата прекрасна ќерка Ирина“, заклучи американскиот претседател.
Свет
Трамп за Венецуела: Добивме 80 милиони барели нафта од нашиот нов партнер
Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша Венецуела како „сојузник“ на САД во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторник, два месеци откако Вашингтон го собори нивниот диктатор Николас Мадуро.
„Тукушто добивме над 80 милиони барели нафта од нашиот нов пријател и партнер Венецуела“, рече Трамп во обраќањето за поранешниот американски ривал. На 3 јануари, американските сили ги уапсија Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во Каракас и ги префрлија во Њујорк, каде што се обвинети за трговија со дрога.
Венецуела оттогаш е во политички превирања. Делси Родригез, која беше потпретседателка под Мадуро, го презеде кормилото на земјата богата со нафта по интервенцијата на САД, а Трамп ја пофали во неколку наврати.
Родригез сега се смета за клучна точка за контакт на владата на САД, особено во преговорите за огромните нафтени резерви на земјата.

