Регион
Грција повторно се тресе – земјотрес со јачина од 6 степени го погоди Крит

Земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала е регистриран во близина на Крит, а тоа е трет силен земјотрес што денеска ја погоди Грција.
Епицентарот на земјотресот, кој се случи во 20.59 часот по локално време, бил на 174 километри источно од Ираклион на длабочина од 10 километри, се наведува на веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
Претходно земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала ги потресе јужните грчки острови, а најмногу е почувствуван на Крит, пренесе „Катимерини“.
Земјотресот се случил околу 17.15 часот по локално време, на источната страна на Крит, на длабочина од девет километри, соопшти Институтот за геодинамика од Атина.
Засега нема информации за материјална штета, ниту има информации за евентуални повредени.
Според локалните медиуми, земјотресот бил почувствуван и на островите Карпатос, Касос, Родос и Санторини.
После тоа, Грција во 18.14 часот ја погоди уште еден земјотрес со јачина од 4 степени, на планините западно од Атина, на 27 километри североисточно од градот Коринт, на длабочина од 16,7 километри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Петгодишниот брат ја застрелал малолетната сестра со пушка: децата си играле во семејната куќа во БиХ

Викендов се случил инцидент во БиХ кога петгодишен брат ја застрелал својата малолетна сестра (4) за време на игра.
Обвинителството потврди за Hercegovina.info дека дежурниот обвинител, Јосип Аничиќ, бил информиран за инцидентот и наредил да се спроведе истрага на местото на инцидентот.
– Според моментално достапните информации, братот (5) и сестрата (4) си играле во семејната куќа кога дошло до пукање од воздушна пушка – изјави портпаролката на обвинителството, Петруњела Матијевиќ, за Hercegovina.info, пренесува Srpskainfo.
Таа додаде дека полицајците, по наредба на обвинителот, се во фаза на испрашување на сведоците, со цел да утврдат како пушката се нашла на дофат на децата и кој ја оставил таму.
Според информации на медиумите во регионот, девојчето е добро и стабилно и без сериозни последици.
Фото: Принтскрин
Регион
Поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, излезе од затвор

Иво Санадер, поранешен лидер на ХДЗ и премиер на Хрватска, е ослободен од затвор пред да ја отслужи целата казна. Санадер беше условно ослободен од затворот Липовица откако отслужи две третини од казната, објавија хрватските медиуми.
Како што објасни адвокатот Драган Црнковиќ, исполнети се сите законски услови за поранешниот премиер да биде ослободен. Тој рече дека покрај неговата возраст, една од причините наведени во барањето за ослободување е неговата здравствена состојба, но тоа не се главните причини, забележува тој, туку и фактот дека тој го почитува член 59 од Кривичниот законик. Тој истакнува дека на 15 август 2023 година отслужил половина од казната.
Ќе биде должен да се јавува во полиција секој месец и нема да му биде дозволено да го менува местото на живеење и привременото живеалиште.
На прашањето на новинарите дали тоа значи дека ќе има ограничено движење, тој одговори негативно.
„Не знам, може да го запали автомобилот, да оди во Сплит. Само ако има намера трајно да го промени местото на живеење и живеалиштето, мора да добие дозвола“, објасни адвокатот Црнковиќ.
Фото: ЕПА
Регион
Пленковиќ: Хрватска не тргува со оружје и воена опрема со Израел

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, денеска негираше дека Хрватска тргува со оружје со Израел, одговарајќи на барањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ до владата да престане да тргува со оружје и воена опрема со таа земја.
Кога беше замолен да ја коментира изјавата на Милановиќ, Пленковиќ рече дека „нема трговија со оружје и воена опрема со Израел“, пренесува ХИНА.
Хрватското Министерство за одбрана во саботата објави дека официјален Загреб во моментов не набавува оружје за хрватската армија од Израел.