Свет
Грција ќе вложи 420 милиони за автопат кон Евзони и надградба на автопатите
Во Грција официјално од денеска започнува 35 – годишната концесија на најдолгиот автопат во земјата – Виа Игнација (Егнација Одос), за што грчката држава веднаш инкасираше околу 1,3 милијарди евра. Концесионерскиот договор опфаќа три дела, од кој еден е исплаќање на 1,5 милијарди, потоа одржување за над 1,5 милијарди и уште 420 милиони во чија рамка влегува и изградба на современ „затворен“ автопат кон нашата земја, прашање кое беше дискутирано меѓу вицепремиерот Николоски и министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, при неодамнешната средба во Грција.
Како што објавуваат грчките медиуми, Фондот за раст официјално ги предаде клучевите на концесионер од најдолгиот автопат во Грција, Виа Игнација (Егнација Одос) и неговите три главни вертикални оски на „NEA EGNATIA ODOS PARACHORISI S.A.“ (предводен од GEK TERNA и EGIS PROJECTS) за следните 35 години.
Тоа што е за нас битно е дека 420 милиони евра ќе бидат вложени на 50-тина километри автопат кон Евзони односно до границата со Македонија, а што беше дел од договорот на македонскиот вицепремиер Александар Николоски со неговиот грчки колега при последната посета на Николоски во Атина.
Севкупниот концесионерски договор, посочува “Грчки Репортер“, вклучува итна исплата од 1,275 милијарди евра (приближно 1,50 милијарди долари) на грчката држава, нешто што е веќе направено и според медиумот претставува огромна победа за националната економија и намалувањето на јавниот долг.
Проектот, освен делот кон нашата земја, опфаќа над 1.000 километри пат. Целта е едноставна: трансформирање на „сивата“ инфраструктура во мрежа од светска класа, безбедна и модерна.
Над 1,8 милијарди евра ќе бидат потрошени за тешко одржување (асфалт, мостови, тунели и безбедносни бариери) во текот на времетраењето на договорот.
420 милиони евра ќе бидат вложени во итни надградби како и во претворање на делницата Чаластра – Евзони во современ автопат. Возачите можат да очекуваат 16 нови бензински станици (SEA) и 12 модерни места за одмор по должината на трасата.
Грчката Влада вели дека не станува збор само за приватизација – туку за напредок.
– Високата платена цена ги зголемува јавните приходи, а истовремено обезбедува обемна инвестициска програма. Егнација Одос се надградува во модерна, безбедна оска способна да ги поддржи транспортот, трговијата и развојните перспективи на Северна Грција, рече Киријакос Пјеракакис, министер за национална економија и финансии.
Христос Димас, министер за инфраструктура и транспорт, додаде дека „автопатот влегува во долг период на систематски инвестиции“. – Овие надградби фундаментално ќе ја подобрат безбедноста на патиштата и прекуграничната поврзаност… прилагодувајќи го автопатот на современите стандарди, вели Димас.
Виа Игнација (Егнација Одос), се посочува, е многу повеќе од само пат; тоа е инженерско чудо од 670 километри кое служи како „хоризонтален“ столб на Северна Грција.
Именуван по античкиот римски пат Виа игнација, кој некогаш го поврзувал Рим со Цариград, модерниот автопат следи слична патека, протегајќи се од западното пристаниште Игуменица до турската граница кај Кипои.
Завршен во 2009 година, тој се смета за најскапиот и технички предизвикувачки инфраструктурен проект во грчката историја. Бидејќи минува низ суровите планински венци Пинд и Вермио, инженерите морале да изградат 1.650 мостови и 76 тунели (вкупно речиси 3.100 км подземен пат).
Се проценува дека модернизацијата на Виа Игнација, за Македонија ќе значи и побрз и поефикасен транспорт на стока од Солунското пристаниште до европските пазари вклучувајќи ја нашата земја како транзитна рута.
Изградбата на брза пруга на Коридорот 10, зелени коридори на граничните премини, регионална соработка, поефикасен транспорт на стока и патници, како и автопатот до Евзони беа дел од темите што ги отвори заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средбите во Атина со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.
На средбите, што се одржаа во септември лани, беше потврдено дека во рамки на меѓусебната соработка, унапредувањето на патниот и железничкиот транспорт се областите каде двете земји имаат заеднички интерес во насока на регионален развој.
Николоски при тоа ги потенцирал приоритетните проекти на Владата во делот во инфраструктурата со посебен фокус на брзата пруга на Коридорот 10, проект што треба да овозможи силен инпут во економскиот развој на регионот. Станало збор и за модернизација на граничните премини преку создавање зелени ленти за да се овоможи побрз и поефикасен транспорт.
Министерот Николоски во декември лани најави и дека годинава на Коридорoт 10 треба да се примени Интелигентен транспортен систем за што веќе завршува тендерот, како и дека се работи на слична апликација за таков систем на Коридорот 8. Светска банка даде грант за системот на Кородорот 10 од околу 13 милиони евра што е 60 отсто од инвестицијата во проектот.
– Светска банка го работи тендерот за изведувач на системот на Коридорот 10. За година до година и половина ќе имаме целосно дигитализиран хајтек автопат од Табановце до границата со Грција. Нешто што ќе помогне во безбедоста на сообраќајот. По завршување на системот ќе се следи сообраќајот од минута во минута на Коридорот 10, а институциите ќе можат да реагираат на одредени неправилности на автопатот, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

