Свет
Гутереш: Затворањето на африканските граници поради омикрон е неправедно
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, рече дека затворањето на границите поради новиот сој на коронавирус омикрон е многу неправедно, казнено и неефикасно, нарекувајќи го еден вид на форма на апартхејд кон Африка.
„Со вирус кој не познава граници, ограничувањата за патување што изолираат една земја или регион не само што се длабоко неправедни и казнени, туку се и неефикасни“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека смета дека е скандалозно да се осуди Африка затоа што има ниска стапка на вакцинација.
Шефот на ОН рече дека земјите не треба да бидат колективно казнети за споделување клучни научни и епидемиолошки информации со светот.
Тоа е неправедно и неморално, повтори тој.
„Затоа, упатувам силен апел, апел до разумот. Имаме инструменти за безбедно патување. Ги користиме тие инструменти за да избегнеме таков вид апартхејд, што го сметам за неприфатливо“, нагласи Гутереш.
„Африка нема доволно вакцини за своето население, ги нема потребните финансиски средства за закрепнување на економијата, ги трпи најтешките последици од климатските промени, иако не придонесе за тоа и ги нема потребните ресурси за да изгради отпорност“, изјави генералниот секретар на ОН.
Застанувајќи покрај него, претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат, исто така, го осуди стигматизирањето, нагласувајќи дека помалку од 6 отсто од Африканците се вакцинирани, повикувајќи на меѓународна солидарност.
„Ги повикувам владите да претпочитаат да ги земат предвид тестовите за патници, како и други соодветни и навистина ефективни мерки“, додаде Гутереш.
Новиот сој на коронавирус, наречен омикрон, веќе е откриен на сите континенти, но Европа се чини дека е најтешко погодена и почна, како и другите земји, да ги заострува мерките и да воведува гранични контроли и да ги забранува патувањата од Јужна Африка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.

