Свет
Данецот што запали Куран најави нови протести во Шведска
Лидерот на данската партија „Тврда линија“, Расмус Палудан, ги критикуваше напорите на шведските власти за забрана на горење на Куранот како напади врз слободата на изразување, како и пасивноста на шведската полиција што дозволува насилството да ескалира и вети дополнителни демонстрации, пренесува „Спутник“.
По немирите што го зафатија шведскиот град Малме откако група Данци поврзани со антиисламската партија „Тврда линија“ запалија копија од Куранот, нејзиниот лидер Расмус Палудан вети дека палењето на Куранот ќе продолжи сè додека бунтовниците не научат како да се однесуваат во цивилизирано општество.
Незасегнат од нападите и пожарите во кои беа вклучени стотици муслимани во Малме, навредени од провокативниот потег на „Тврда линија“, партијата вети дека ќе запали друг Куран во истата област во Шведска, Розенгард, етничка енклава каде што мнозинството од населението има мигрантско потекло.

„До сите демонстранти и силувачи во Розенгард: наскоро ќе запалиме уште еден Куран“, напиша партијата на својата фејсбук-страница.
Палудан, кој првично имал намера самиот да го запали примерокот од Куранот, но влезот му е забранет во Шведска две години како сериозен ризик за националната безбедност, ја прекори шведската полиција за необјективност, дека е премногу мека и дека дозволува насилство.
„Данската полиција никогаш не би го прифатила тоа. Шведската полиција е кукавичка. Тоа е причината зошто тие во Розенгард прават работи што никогаш не би се осмелиле во Мароко, Сирија, Ирак итн. затоа што или би биле застрелани или тепани толку многу што ќе мора да лежат во кревет неколку недели. Тие никогаш не би се осмелиле да го сторат тоа во своите матични земји “, изјави Палудан за шведски „Самналаснит“.
Палудан отиде дотаму што ги обвини шведските полицајци дека им се потрчковци на исламистите и дека функционираат како шеријатска полиција. Понатаму, тој ги критикуваше обидите на шведските власти да го запрат палењето на Куранот, нарекувајќи ги попречување на слободата на изразување и собирање.
„Тие го прават тоа затоа што немаат воопшто никаква контрола. Физичката моќ во Шведска веќе му е предадена на исламот. Тие 20.000 слаби, феминизирани и кукавици од шведски полицајци навистина не можат да сторат ништо. Моќта во Шведска, физичката моќ, лежи во исламот “, рече Палудан, наведувајќи го конформизмот на шведскиот народ како една од причините.
Палудан ѝ предвиде мрачна иднина на Скандинавија со оглед на постојаниот судир меѓу, како што смета, слободата на изразување и исламизмот.
„Ќе оди по ѓаволите и јасно е дека прво ќе оди по ѓаволите во Шведска. Веќе се случува тоа“, рече тој.

Палудан вети дека ќе продолжи со палење на Куранот во Шведска.
„Бидејќи многу жители на Розенгард не научија како да се однесуваат во цивилизирано западно општество, ние мора да ги палиме Кураните во Розенгард сè додека тие не го разберат тоа“, заклучи тој.
Во петокот Малме пламна поради насилствата, при што неколку стотици луѓе се собраа во знак на протест против антиисламските активности на „Тврда линија“, фрлајќи предмети кон полицијата и палејќи гуми од автомобили. За време на викендот, немирите продолжија во градот Ронаби во округот Блекинге.
Палудан е дански адвокат и политичар кој ја основаше етно-националистичката партија „Тврда линија“ во 2017 година и е познат по снимањето антимуслимански видеа на „Јутјуб“ на кои тој го пали Куранот, понекогаш завиткан во сланина, што тој ја слави како изразување почит на слободата на говорот.
Пропагираната политика на Палудан за забрана на незападната миграција и депортирање на муслиманите од Данска за малку ќе ѝ донесеше пратенички места на неговата партија на изборите во 2019 година; тој се најде во смртна опасност поради напади и обиди за атентат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) „Не бев ниту негова девојка ниту негова пријателка“: Вупи Голдберг проговори по објавувањето на документите за Епстин
Вупи Голдберг се осврна на обвинувањата дека имала афера со Џефри Епстин откако нејзиното име се појави во најновиот сет документи објавени од Министерството за правда на САД. Се споменува вкупно 21 пат, поттикнувајќи шпекулации за нејзината лична врска со покојниот финансиер и осуден сексуален престапник.
„Не бев ниту негова девојка ниту негова пријателка“
70-годишната актерка жестоко го негираше тоа во нејзината емисија „The View“.
„Заради транспарентност, моето име е во документите. Така е. И што пишува? Пишува: „На Вупи ѝ треба авион за Монако. Фондацијата Џон Ленон – или треба да пишува Фондацијата Џулијан Ленон – плаќа за тоа“, рече таа.
Таа објасни дека организаторите не сакале да изнајмат лет, туку наместо тоа барале сопственици на приватни авиони.
„Тие не сакаат да изнајмат, па затоа ги прашуваат приватните сопственици. Еве ги информациите. Тие ги даваат сите детали и прашуваат: ‘Дали сакате да го понудите вашиот G2?’“, продолжи Голдберг.
Нејзината ко-водителка Џој Бехар забележа: „Со други зборови, секој може да биде на таа листа“, на што Голдберг одговори: „Тоа е она што се обидувам да го кажам“.
Видливо фрустрирана, таа додаде: „Ви го кажувам ова затоа што луѓето се обидуваат да ме прикажат како нешто што не сум – не бев негова девојка, не бев негова пријателка. Не само што бев премногу стара, туку беше во време кога… некогаш морате да ги имате фактите пред да кажете нешто“.
Свет
Трамп ги блокира новите санкции на САД кон Русија
Американскиот претседател Доналд Трамп го одложува гласањето за двопартискиот закон со кој ќе се заострат санкциите врз енергетскиот сектор на Русија, предупредија двајца високи демократски сенатори, објави Yahoo News.
Зборувајќи во Киев по викендот на Минхенската безбедносна конференција, сенаторот Ричард Блументал рече дека мерките за санкции што ги предложил со сенаторот Линдзи Греам ќе извршат „економски притисок“ врз рускиот претседател Владимир Путин, додека разговорите меѓу Киев и Москва, посредувани од САД, продолжуваат во Женева оваа недела.
Постојните американски и европски санкции неодамна почнаа да го ограничуваат руското производство на нафта, но Блументал верува дека е потребен поголем притисок. Тој додаде дека лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, му ветил дека законот ќе се гласа пред крајот на оваа сесија на Конгресот.
Според Блументал, единствената пречка е Трамп. „Чекаме зелено светло, а тој толку многу се колеба што секој што го следи добива вртоглавица“, рече тој.
Во исто време, администрацијата постигнува напредок во справувањето со руската „флота во сенка“ – танкери кои ги избегнуваат санкциите, рече сенаторот Шелдон Вајтхаус. Тој додаде дека неодамнешните интервенции на САД во близина на Венецуела покажаа дека американската војска е подготвена да заплени дополнителни бродови доколку е потребно.
Европа
Ја оставил девојка си да умре на највисоката планина во Австрија: сега е на судење, протекуваат детали
Повеќе од една година откако 33-годишна жена замрзна до смрт на највисоката планина во Австрија, нејзиното момче утре ќе се појави на судење по обвинение за убиство од небрежност. Керстин Г. почина од хипотермија за време на трагично искачување на Гросглокнер во јануари минатата година. Нејзиното момче е обвинето дека ја оставило исцрпена и незаштитена во близина на врвот во бури додека отишол да побара помош, објави Би-Би-Си.
Судењето предизвика огромна дебата
Обвинителите велат дека обвинетиот, како поискусен планинар, бил „одговорен туристички водич“ и не се вратил на време ниту повикал помош за својата девојка. Австриските медиуми го идентификуваа како Томас П., кој негира какво било кривично дело. Неговиот адвокат Карл Јелинек ја опиша смртта на жената како „трагична несреќа“.

Судењето предизвика голем интерес и дебата, не само во Австрија, туку и во планинарските заедници далеку надвор од нејзините граници, бидејќи го поставува прашањето каде личната проценка и преземањето ризик стануваат предмет на кривична одговорност.
За што го обвинуваат?
Државното обвинителство во Инсбрук го смета за одговорен затоа што, „за разлика од неговата девојка, тој веќе имал многу искуство во алпски тури и го испланирал патувањето“. Тие го обвинуваат дека отишол на турата иако неговата девојка „никогаш не учествувала во алпска тура со оваа должина, тежина и надморска височина, и покрај тешките зимски услови“.
Обвинителството објави список од девет пропусти, вклучувајќи го и моментот што двојката тргнала два часа предоцна, не понеле „доволна опрема за кампување за итни случаи“ и дека „ѝ дозволил на својата девојка да користи… меки чизми за сноуборд и друга несоодветна опрема“.
Што вели одбраната?
Обвинетиот ги оспорува овие обвинувања. Во изјава, неговиот адвокат Карл Јелинек рече дека двојката ја испланирала турата заедно. „Двајцата се сметале себеси… доволно искусни, соодветно подготвени и добро опремени“, рече тој. Додаде дека двајцата имале „релевантно искуство во планинарење“ и биле „во многу добра физичка состојба“.
Керстин Г. почина сама во снегот на ледена планинска падина. Доколку биде осуден, Томас П. се соочува со затворска казна до три години. Според австрискиот весник „Дер Стандард“, пресудата би можела да значи „промена на парадигмата во планинските спортови“ и да влијае на тоа колку планинарите би можеле да бидат одговорни кон своите сопатници во иднина.

