Свет
Данска ја обвини Русија за сајбер-напади врз инфраструктура и веб-страници
Данските власти објавија извештај на воената разузнавачка служба, во кој се наведува дека Русија извршила сајбер-напади врз инфраструктура и веб-страници во таа земја во текот на 2024 и 2025 година, а се откриваат и нови случаи, кои претходно не биле пријавени, објавува денес „Асошиетед прес“.
Според извештајот, Москва е одговорна за деструктивните сајбер-напади врз данската компанија за вода во 2024 година, како и за серија напади врз данските веб-страници пред регионалните и локалните избори минатиот месец.
Данската разузнавачка служба додаде дека овие напади се дел од хибридната војна на Русија против Западот и претставуваат обид за предизвикување нестабилност.
Се вели дека сајбер-нападите на Москва се дел од поширока кампања за заканување и казнување на земјите што ја поддржуваат Украина.
Западните претставници наведуваат дека има сè повеќе инциденти во рамките на саботажната кампања во цела Европа зад која стои Русија.
Според „Асошиетед прес“, документирани се 147 вакви инциденти, вклучувајќи два случаја пријавени од Данска оваа недела.
„Руската држава користи и групи и поединци како инструменти на хибридна војна против Западот, а целта е да предизвика нестабилност и да ги таргетира земјите што ја поддржуваат Украина“, се вели во извештајот на данската разузнавачка служба.
Германските власти го повикаа рускиот амбасадор во Берлин на 12 декември откога Министерството за надворешни работи на земјата ја обвини Москва за саботажа, сајбер-напади и мешање во изборите, потсетува „Асошиетед прес“.
Како што изјави портпаролот на Министерството, Мартин Гизе, меѓу овие напади е и нападот врз германската контрола на воздушниот сообраќај во текот на 2024 година.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.
Свет
Туск упати итен апел до полските граѓани: „Ве молам веднаш да го напуштите Иран“
Полскиот премиер Доналд Туск апелираше до сите полски граѓани во Иран веднаш да ја напуштат земјата поради растечката опасност од потенцијален конфликт.
„Ве молам, веднаш напуштете го Иран и под никакви околности не одете во оваа земја. Не сакам никого да плашам, но сите знаеме за што зборувам. Можноста за конфликт е многу реална“, рече Туск за време на посетата на полигонот за обука на Воениот институт за технологија на оружје во Зјелонка, каде што во исто време се одржаа отворени тестови на беспилотни системи за оружје, објави порталот „Виадомосци“.
Туск беше придружуван од министерот за национална одбрана Владислав Косињак-Камиш и заменик-министерот Цезари Томчик, а за време на настанот одржа и интервју со медиумите.
Тој нагласи дека „за неколку часа, можноста за евакуација ќе биде отежната“, укажувајќи на потенцијалната итност на ситуацијата.
Туск ги предупреди граѓаните сериозно да го сфатат овој апел, потсетувајќи на „лошите искуства од минатото“.
„Ве молам да го сфатите ова многу сериозно. Имавме лоши искуства во минатото, а некои луѓе ги игнорираат овие апели“, нагласи полскиот премиер.

