Европа
Данските политичари со потсмевливи коментари за идејата на Трамп да го купи Гренланд
Данските политичари денес ја исмеваа идејата Копенхаген да го продаде Гренланд на Вашингтон, откако американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, разговарал за тоа со неговите советници.
„Тоа мора да е првоаприлска шега“, објави поранешниот премиер Ларс Лок Расмусен на „Твитер“.
„Волстрит журнал“ претходно објави дека Трамп е заинтересиран да го купи Гренланд од Кралството Данска, додека „Ројтерс“ наведува дека Арктикот е на агендата на американскиот претседател на состаноците со премиерите на Данска и Гренланд за време на неговата посета на Копенхаген во септември.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Данската народна партија Серен Есперсен за телевизијата ДР изјави дека ако Трамп навистина размислува да го купи Гренланд, тоа е „доказ дека тој полудел“.
Премиерката Мете Фредериксен и министерот за надворешни работи Јепе Кофор беа недостапни за коментар, но официјалните лица велат дека ќе одговорат во текот на денот.
Амбасадата на САД во Копенхаген не коментираше, но поранешниот американски амбасадор во Данска Руфус Гифор изјави дека идејата за купување на Гренланд е „тотална катастрофа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Сикорски: Варшава е отворена за распоредување германски трупи во Полска
Варшава е отворена за евентуално распоредување на германски трупи во Полска во обид да се обезбеди прекин на огнот во Украина, според полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Германските војници се стационирани во Полска со години како дел од разни мисии на НАТО“, рече Сикорски, заклучувајќи дека присуството на трупи на Бундесверот на полска територија нема да биде новост. Сикорски ја даде изјавата вчера по состанокот во Париз со неговите француски и германски колеги, Жан-Ноел Баро и Јохан Вадефул, одржан во рамките на форумот за дијалог на Вајмарскиот триаголник, регионален сојуз што ги поврзува Полска, Франција и Германија од 1991 година.
Според министерот, воената соработка меѓу Полска и Германија веќе е воспоставена. „За време на заедничка вежба пред неколку години, германски генерал командуваше со полска тенковска бригада, додека полски генерал водеше германска бригада“, рече Сикорски.
Министерот за надворешни работи, исто така, ѝ се заблагодари на Германија за минатогодишното распоредување на трупи што помогнаа во обезбедувањето на аеродромот во југоисточна Полска во близина на Жешов, клучен центар за воена и хуманитарна поддршка на Украина.
Завчера, германскиот канцелар Фридрих Мерц првпат ја спомена можноста Бундесверот да учествува во мировни операции, не во Украина, туку на територијата на НАТО во близина на границата. Сикорски објасни дека неколку земји, предводени од Франција, веќе презеле подготвителни чекори во Полска, во случај да се постигне прекин на огнот и да се воспостави мировна мисија во Украина.
Тој додаде дека деталното планирање на крајот ќе го води воениот штаб на вклучените земји. Германската влада соопшти дека разговорите во Париз се фокусирале на развивање силни безбедносни гаранции за Украина по прекинот на огнот и на придонесот на Европа кон долгорочната безбедност.
Европа
(Видео) Руски независни медиуми: Путин го прослави Божиќ во тајна воена база
Рускиот претседател Владимир Путин очигледно не го прославил овогодинешниот православен Божиќ во една од познатите московски катедрали, туку во црква во рамките на воена база. Информацијата ја објави независниот руски истражувачки медиум „Агентство“, кој ги анализираше снимките објавени од Кремљ.
Анализата открива тајна локација
Според анализата, локацијата е идентификувана како црквата на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, сместена во основата на Центарот за специјални намени „Сенеж“ во Солнечногорск, град на околу шеесет километри северозападно од Москва.
За разлика од претходните години, овој пат Кремљ не прецизираше каде Путин присуствувал на црковната служба што била емитувана во живо на Божиќ, кој во Русија се слави на 7 јануари според јулијанскиот календар. Москва сè уште не одговорила на извештајот на „Агентство“, а „Киев Индепендент“ забележува дека не била во можност независно да ги потврди обвинувањата.
Putin Marks Christmas at a Church on a Military Base, Surrounded by GRU Officers
Vladimir Putin marked Christmas with members of the military for the third time, but unlike the previous two years the Kremlin did not name the church where the president attended the holiday… pic.twitter.com/7nu1Dm7CS8
— Новости «Агентства» (@agents_media) January 7, 2026
Кој бил со Путин?
И покрај тоа што руската војска претрпе огромни загуби на бојното поле, Путин, опкружен со група воени лица, жени и деца, рече дека неговите војници го слават Божиќ исто како што „сите се радуваме заедно на нашите заеднички победи“.
„Агентство“, врз основа на објавеното видео, извести дека и високи воени функционери учествувале во црковната служба со Путин. Меѓу нив беа идентификувани како генерал-мајор Алексеј Галкин, командант на Центарот за специјални намени „Сенеж“ роден во Украина, и Александар Матовников, командант на руските сили за специјални операции.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.

