Свет
Двајца загинати и 90 повредени во фабрика за мраз на Филипините
Најмалку две лица загинаа, а повеќе од 90 се повредени при истекување амонијак од фабрика за мраз на Филипините.
Стотици граѓани, кои живеат во близина на фабриката, ја напуштија областа, соопштија денеска филипинските власти.
Градоначалникот на Навотас, Тоби Тијангко, изјави дека еден вработен во фабриката за мраз Марсело починал поради вдишување амонијак, а телото на друг работник, електричар, е пронајдено денес во зградата на компанијата.
Тијангко додаде дека се испитува причината за истекувањето на амонијакот. Тој им се извини на жртвите велејќи дека компанијата, чиј дел е сопственост на мајка му, ќе ги сноси сите медицински и погребни трошоци.
Повеќе од 90 жители од областа и вработените се префрлени во болници по изложеноста на истекување на амонијакот. Тие се жалеле на отежнато дишење, иритација на очите и кожата и други симптоми.
Амонијакот се користи во процесот на ладење, но според филипинските власти, може да биде токсичен за луѓето.
Фабриката е затворена и нема да биде отворена сè додека не се воведат дополнителни мерки за заштита.
Официјални лица изјавија дека другите фабрики за мраз и ладилниците ќе бидат прегледани за да се избегнат слични инциденти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Meлони го прослави роденденот во Јапонија и објави аниме-селфи со јапонската премиерка
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го прослави својот 49. роденден во Токио, за време на средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи. Такаичи ѝ приреди торта и подароци, а двете лидерки направија заедничко селфи, чија „аниме“ верзија Мелони подоцна ја објави на социјалните мрежи, пренесе Скај њуз.
Due Nazioni lontane, ma sempre più vicine.
Amicizia e sintonia con @takaichi_sanae 🇮🇹🇯🇵 pic.twitter.com/LbRlnoeQcZ— Giorgia Meloni (@GiorgiaMeloni) January 16, 2026
На средбата беше најавено продлабочување на соработката меѓу Италија и Јапонија во областа на безбедноста, економијата и технологијата. Двете се први жени премиерки во своите држави и најавија унапредување на односите во „посебно стратешко партнерство“.
Фото: ЕПА
Свет
Исчезна авион во Индонезија
Авион ATR 400 на лет од Џогјакарта кон Макасар го изгубил контактот во индонезиската провинција Јужен Сулавеси, јавија денеска локалните медиуми.
Леталото на компанијата Indonesia Air Transport требало да слета на Меѓународниот аеродром Султан Хасанудин во Макасар. Контактот наводно бил изгубен околу 13:17 часот по локално време, додека авионот летал над подрачјето на Марос, пренесе Синхуа.
Индонезиската агенција за пребарување и спасување Basarnas во Макасар соопшти дека тимови се упатени на сомнителна локација, откако од AirNav Indonesia добиле податоци со координати.
Според информациите, потрагата се спроведува во областа Леанг-Леанг во регентството Марос.
Шефот на операции на Basarnas во Макасар, Анди Султан, изјави дека првичните информации укажуваат оти авионот бил на пат кон Макасар кога е изгубен контактот.
Во заедничката операција за пребарување и спасување учествуваат три тима со околу 25 лица.
Началникот на полицијата во регентството Марос, Даглас Махендраџаја, изјави дека полицијата ги проверува наводите за губење на контактот со авионот, додавајќи дека информацијата сè уште не е официјално потврдена.
Свет
Иранскиот врховен лидер го обвини Трамп за немирите и жртвите
Протестите што со недели го потресуваа Иран се смирија, но зад себе оставија илјадници жртви и тешки обвинувања. Иранскиот врховен водач Али Хамнеи го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за „жртвите и штетите“ настанати за време на немирите, пренесува Скај њуз.
Во својата прва објава на социјалната мрежа „Икс“ по 12 јануари, иранскиот врховен водач Али Хамнеи изјави дека Доналд Трамп го смета за одговорен за жртвите, штетите и клеветите што ги изнел против иранскиот народ.
Хамнеи претходно ги обвини демонстрантите дека дејствуваат во име на Трамп и други „странски терористи“, нарекувајќи ги „вандали и“ кои „ги уништуваат сопствените улици за да го израдуваат претседателот на друга земја“.
За време на немирите, дел од демонстрантите ги палеа фотографиите на Хамнеи, што стана симбол на пркос и отпор против режимот.
Според организациите за човекови права, во насилното задушување на протестите биле убиени над 3.000 луѓе, додека иранските власти признаваат околу 300 жртви. Демонстрациите избувнаа кон крајот на декември поради економската криза, а прераснаа во протести против клерикалната власт.
Иако животот во Техеран и другите градови постепено се нормализира, властите спроведуваат процена на штетите, додека интернетот бил речиси целосно блокиран повеќе од една недела, што ја отежнало независната проверка на настаните.
Фото: ЕПА

