Свет
Двајца тајландски работници загинаа во јужен Израел во силен минофрлачки оган од Газа
Двајца тајландски работници загинаа, а неколку цивили и еден војник се ранети попладнево во минофрлачки напад на Хамас кон граничните заедници со Газа по реткото затишие во ракетниот оган, пренесува „Џерусалем пост“.
Најмалку 10 цивили се ранети, од кои четворица сериозно, кога повеќе од 50 минофрлачики ракети го погодија Регионалниот совет на Ешкол. Двајца починале на пат кон болница.
Еден 19-годишен војник добил рани од шрапнели во горниот дел од телото кога минофрлачки оган го погодил преминот Ерез, каде што неговата единица помагала во пренесувањето на пратките хуманитарна помош до Појасот Газа. Тој бил пренесен во болницата „Барзилаи“ во стабилна состојба.
Израел привремено го отвори преминот Керем Шалом за да овозможи транспорт на гориво, лекови, храна за животни и цистерни со гориво во Појасот Газа, но по минофрлачкиот напад, преминот бил затворен.
Десетици ракети беа лансирани и кон граничните заедници во Газа, како и во јужните градови Ашдод, Ашкелон и Бершеба. По нападите, од ИДФ соопштија дека нападнале подземна локација за лансирање и ракетни фрлачи на Хамас во бегалскиот камп „Ал-Моази“ во централниот дел на Појасот Газа и уште два ракетни фрлачи во северниот и јужниот дел на енклавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН: Најмалку 127 цивили убиени во израелски напади во Либан и покрај прекинот на огнот
Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права денес објави дека најмалку 127 цивили се убиени во Либан во израелски напади откако беше постигнат прекин на огнот пред речиси една година.
ОН повика на итна истрага и строго почитување на прекинот на огнот, објави Ројтерс.
„Речиси една година по договорениот прекин на огнот меѓу Либан и Израел, продолжуваме да бидеме сведоци на интензивирање на израелските напади што резултираат со цивилни жртви и уништување на цивилни објекти во Либан, со алармантни индикации за поширока офанзива“, изјави портпаролот на канцеларијата, Тамин Ал-Китан, на прес-конференција во Женева.
Тој додаде дека податоците се базираат на методологијата на ОН, но дека вистинскиот број на загинати цивили може да биде поголем.
Фото: принтскрин
Свет
Калас: Европа бара разоружување на Русија
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека конечниот мировен план за Украина мора да содржи јасни механизми што би спречиле каква било повторна инвазија на Русија. Зборувајќи на BBC Radio 4, таа нагласи дека е потребно Москва да прифати отстапки и да преземе целосна одговорност за војната.
Калас подвлече дека конфликтот не може да се заврши без структурни промени во пристапот на Русија кон меѓународните обврски.
„Ако сакаме ова да заврши засекогаш, навистина ни требаат отстапки од Русија. Не можете само да нападнете друга земја и да не преземете никаква одговорност“, нагласи таа.
Според неа, идниот мировен договор мора да ја вклучува обврската на Русија да ги почитува меѓународните договори, како и намалувањето на бројот на нејзините вооружени сили. Ова, според Калас, е клучот за одржлива безбедност на Украина и Европа.
Осврнувајќи се на можноста за враќање на Русија во Г8, Калас беше недвосмислена:
„Тоа е дефинитивно неприфатливо. Не можеме да се вратиме на вообичаеното работење, како би можеле да го замислите тоа?“
Шефицата на европската дипломатија претходно изјави дека Москва „нема право“ да поставува услови за Киев за време на мировните преговори и дека Европската Унија има „јасен план“ за Украина – во време кога американскиот претседател Доналд Трамп предлага нов модел за решавање на конфликти.
Според Калас, европската политика останува конзистентна: мирот мора да се постигне за Украина да биде трајно заштитена, а Русија да биде спречена да ја повтори агресијата.
Фото: принтскрин
Регион
Вучиќ: Ние сме воено неутрална земја и ќе соработуваме со кого сакаме
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека Србија е воено неутрална земја која сама избира со кого ќе соработува.
Тој го кажа ова во Претседателството, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој рече дека Србија има суверено право да учествува во вежби со кинеската армија, но дека ќе „се дистанцира од соработката на Вучиќ со Кина“.
„Ние сме воено неутрална земја и ќе соработуваме со кого сакаме“, изјави Вучиќ во врска со изјавата на Руте.
Како што вели, се дистанцира од НАТО и од сè што НАТО направи во 1999 година, додавајќи дека и српскиот народ се дистанцирал од него.
„Затоа што сакаме добро да соработуваме со нив. Тоа го направивме особено преку КФОР. Среќни сме поради многу професионалниот однос што го имаме со КФОР. Имаме добри односи со НАТО, ќе продолжиме да имаме добри односи со НАТО. Затоа му се заблагодарувам на г-дин Руте што се дистанцира од мене. Немам проблем со тоа, ми направи услуга. Србија е слободна земја и суверена земја и ќе остане таква“, рече Вучиќ, објави Танјуг.
Фото: принтскрин

