Европа
Двајца француски полицајци осудени на седум години затвор за силување
Двајца поранешни француски полицајци беа осудени на по седум години затвор за силување канадска туристка во поранешниот штаб на полицијата во Париз.
Во четвртокот парискиот суд ги осуди Антоан Квирин и Николас Редуан за силување на туристката во април 2014 година. Двајцата мажи негираа дека ја силувале 39-годишната Емили Спантон тврдејќи дека таа се согласила да има сексуални односи со нив кога тројцата биле под дејство на алкохол.
Спантон тврди дека во април 2014 година таа ги запознала двајцата мажи во еден ирски паб по што тие ја поканиле на разгледување на познатата полициската станица. Таа исто така тврди и дека таму тие ја принудиле да пие виски по што ја силувале.
Судот бил убеден во вистинитоста на нејзиното тврдење поради конзистентноста на нејзините изјави и научните и техничките елементи, како примероците од ДНК и анализата на телефонските разговори.
„Вечерта на 22 април 2014 година обвинетите не беа полицајци, туку узурпатори недостојни за нивните значки, кои се однесуваа исто како и оние што ги гонат. Таа вечер тие прејдоа на лошата страна“, изјави пред судот адвокатот на обвинителството, Филип Курој.
Според него, исказот на полицајците содржел јасни елементи на прикривање и очигледни недоследности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

