Свет
Движењето Пет ѕвезди бара храбар буџет за Италија
Шефот на италијанските популисти, вицепремиерот Луиџи ди Мајо, во средата предупреди дека неговата партија нема да гласа за буџетот за 2019 година ако не е доволно храбар. Ди Мајо, лидер на антиестаблишментското Движење Пет ѕвезди, кое е во колиција со крајнодесничарска Лига, побара од Министерството за финансии да најде средства за клучните изборни ветувања, првенствено за основниот приход за невработените. Министерството треба да ги претстави своите планови за јавни финансии во 2019 година в четврток.
„Ние му веруваме на министерот за финансии Џовани Трија, но Италијанците знаат дека во Министерството има луѓе назначени од претходната влада што работат против нас“, изјави Ди Мајо за „Радио капитал“.
Италијанските медиуми објавија дека вицепремиерот се заканил на состанокот доцна во вторникот дека ќе блокира ако не се најдат пари за основниот приход.
„Тоа не е закана, објасни тој во средата, но се подразбира дека Движењето Пет ѕвезди ќе гласа за храбар буџет“.
Основниот приход од 780 евра за невработените и оние што живеат со ниски плати доаѓа со огромна цена – 10 милијарди евра според најскромната проценка – и ќе ѝ тежи многу на јавната каса. Лига, од своја страна, сака да воведе рамен данок од 15 до 20 отсто за компаниите и поединците, а се проценува дека тоа ќе ги намали даночните приходи за 80 милијарди евра годишно.
Фискалните правила на ЕУ воведоа праг за соодносот меѓу јавниот дефицит со домашниот бруто-производ (БДП) на 3,0 отсто, но Италија треба да дојде многу под таа бројка за да го намали својот огромен јавен долг, кој изнесува 132 отсто од БДП. Претходната влада предвидела сооднос од 0,8 проценти.
Во вторникот Ди Мајо рече дека ако Париз може да игра брзо и да се изедначи со фискалните правила на ЕУ, тоа би можело да се случи и во Рим: тој укажа на дефицитот во јавниот сектор во Франција, кој се очекува да се зголеми на 2,8 отсто од БДП в година.
„Зарем Италија не е суверена држава како Франција?“, праша тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

