Свет
Деветмесечно бебе починало во автомобил, мајка и заборавила да ја однесе во градинка во Никозија

Деветмесечно бебе било пронајдено починато во автомобил пред градинка во Никозија.
Била повикана брза помош и бебето било пренесено во болница. Лекарите неуспешно се обиделе да го оживеат, пренесуваат медиумите во регионот.
Според написите, мајката го заборавила бебето во автомобилот. Жената го ставила бебето во автомобил и тргнала на работа, заборавајќи да го остави во градинката, која е веднаш до нејзиното работно место. Автомобилот останал на истото место до попладневните часови.
Кога завршила со работа, по работното време, отишла да го земе детето, но кога видела дека не е во дневен центар, сфатила што се случило.
Известена е полиција и се очекува мајката да биде уапсена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Францускиот премиер пред заминување: Нашата земја е во голема опасност

Преголемиот долг на Франција го доведува во прашање нејзиниот опстанок, предупреди денес премиерот Франсоа Бајру, пред гласањето за доверба на неговата влада, кое се очекува да го изгуби, што би можело да ја турне втората по големина економија во еврозоната во подлабока криза.
Бајру, четвртиот премиер за помалку од две години, побара гласање за доверба поради акутниот притисок со кој се соочува Франција, со минатогодишниот дефицит кој е речиси двојно поголем од европската граница од 3 проценти од БДП и јавниот долг од 113,9 проценти од БДП.
Тој го предупреди парламентот дека секоја следна влада ќе се соочи со истите проблеми. „Имате моќ да соборите влада, но немате моќ да ја избришете реалноста. Реалноста ќе остане неумолива: трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане потежок и поскап“, им рече Бајру на пратениците.
Опозициските партии јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со него за тоа како да се справи со долгот и ќе гласаат против малцинската влада на Бајру.
„Клучното прашање, прашање на живот и смрт, каде што е во прашање нашиот опстанок… е прашањето за контрола на нашите трошоци, прашањето за презадолженост“, го предупреди Бајру парламентот.
Падот на малцинската влада, што изгледа веројатно, би можел дополнително да ги продлабочи проблемите на Франција во критичен момент за Европа која бара единство, соочена со војната на Русија во Украина, сè подоминантната Кина и трговските тензии со Соединетите Американски Држави.
„Нашата земја има итна потреба од јасност, има најитна потреба од единство. Но, токму поделбата се заканува да преовлада, а го загрозува нејзиниот имиџ и углед.“
Исходот од гласањето за доверба, по говорите на Бајру и лидерите на сите политички групи, би можел да биде познат околу 19 часот по средноевропско време.
Свет
Шпанскиот премиер: Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да ги изгладнуваш децата

Шпанскиот премиер Педро Санчез денес објави девет мерки против Израел, вклучувајќи ембарго за оружје, со цел „запирање на геноцидот“ што земјата го спроведува во Палестина.
„Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да ги изгладнуваш децата“, рече Санчез во говорот од зградата на владата во Мадрид.
„Не станува збор за одбрана, па дури ни за напад, туку за истребување на народ кој не може да се одбрани. Тука се прекршени сите закони на хуманитарното право“, додаде тој.
Санчез ја обвини меѓународната заедница за соучество во злосторството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, потсетувајќи дека израелската армија убила 63.000 луѓе, ранила 159.000, изгладнела 250.000 и протерала повеќе од 2 милиони од своите домови.
„Шпанската влада итно ќе усвои мерка за правно регулирање на воведувањето ембарго за оружје врз Израел“, рече Санчез.
Ова ќе забрани купување и продажба на оружје, муниција и воена опрема на Израел. На шпанските пристаништа нема да им биде дозволено да примаат бродови што транспортираат гориво за израелската армија, додека на авионите што транспортираат резерви за израелските вооружени сили ќе им биде забрането да влегуваат во шпанскиот воздушен простор.
„Ќе забраниме влез во Шпанија на сите лица кои директно учествуваат во геноцид, кршење на човековите права и воени злосторства во Појасот Газа“, рече премиерот.
Шпанија, исто така, ќе забрани увоз на сите производи што доаѓаат од израелските населби во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа со цел „да се сузбие окупацијата, да се запре присилното протерување и да се олесни решението за две држави“.
фото: принтскрин
Свет
Трамп ѝ се закани на Русија, стигна реакцијата на Кремљ

Откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Белата куќа потврди дека е „подготвен за втората фаза од санкциите врз Русија“ поради војната во Украина, денеска стигна одговорот на Кремљ.
На прашањето за коментарите на Трамп, Кремљ рече дека Европа и Украина прават сè што можат за да ги привлечат САД во својата орбита. Тие додадоа дека никакви санкции никогаш нема да можат да ја принудат Русија да го промени својот став.
Трамп изрази растечко незадоволство од Москва во последните недели по средбата со Владимир Путин минатиот месец, но досега се воздржа од преземање построги мерки.
Најновите изјави укажуваат на зацврстување на ставот, иако американскиот претседател не прецизираше дали е донесена конечна одлука или што би вклучувала „втората фаза“ од санкциите. На прашањето на новинарите во Белата куќа дали е подготвен за втора фаза од санкциите против Русија, Трамп одговори: „Да, подготвен сум“.
Трамп рече дека планира наскоро да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. „Многу наскоро. Во следните неколку дена. Гледајте, ќе завршиме со тоа. Ситуацијата меѓу Русија и Украина. Ќе завршиме со тоа“, рече тој.
Трамп, исто така, рече дека „не е воодушевен“ од најновиот масовен напад на Русија, кој оштети владина зграда во центарот на Киев. „Не сум воодушевен од она што се случува таму. Верувам дека ќе го завршиме тоа. Но, не сум задоволен од нив. Не сум задоволен од ништо што има врска со таа војна“, рече тој.
Трамп нагласи дека „одредени европски лидери“ ќе ја посетат Белата куќа во следните два дена за да разговараат за мировно решение, иако не спомена имиња или детали.
фото: принтскрин