Свет
Демонстранти од Гвадалупе против задолжителната вакцинација упаднаа во регионалното собрание
Демонстрантите на француската прекуморска територија Гвадалупе на Карибите упаднаа во Регионалниот совет протестирајќи против потврдите за Ковид-19 и задолжителните вакцини.
Претставниците на Гвадалупе и Париз го осудија потегот велејќи дека тој е неприфатлив и претставува закана за демократски избраното тело.
Претседателот на Регионалниот совет, Ари Чалус, се согласил на средба со претставниците на демонстрантите, објави парламентарниот совет на „Твитер“ по упадот во четвртокот.
На фотографиите што локалните функционери ги објавија на интернет, освен соборената елка во собраниската сала, може да се забележат и демонстрантите со транспаренти „Не е задолжително вакцинирањето“ и „’Не’ за санитарната карта“.
Синдикатите и колективот против експлоатација бараат француската влада да се откаже од мерката со која се предвидува суспензија на невакцинираните здравствени работници и неисплата на плати.
Вакцинацијата е задолжителна за сите француски здравствени работници, а потребна е здравствена пропусница за влез во сите ресторани и други јавни места во Франција.
Мерките наидоа на жесток отпор во Гвадалупе и Мартиник, чии жители долго време се огорчени поради нееднаквостите со француското копно.
Бројот на заразени од коронавирусот повторно е во пораст во Гвадалупе, со што беа продолжени и ограничувањата до 6 јануари, кои вклучуваат носење маски на јавни и на отворени места и здравствени пропусници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа
Два брода со мигранти се превртеа во Индискиот Океан кај Мадагаскар, а бројот на жртви се зголеми на 25, соопштија денеска локалните власти.
Вкупно 48 луѓе беа спасени од водите во близина на северниот дел на Мадагаскар, а официјални лица велат дека мигрантите биле на море речиси еден месец со надеж дека ќе стигнат до француската територија Мајот.
На 2 ноември чамците ја напуштиле плажата во близина на главниот град на Сомалија, Могадишу, со 73 луѓе.
Не е јасно што го предизвикало превртувањето на чамците, а истрагата е во тек.
Свет
Обвинителите се откажаа од случајот против Трамп поради напорите за поништување на изборните резултати
Американските специјални обвинители денеска побараа од судот да отфрли две кривични постапки против новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп – за обид за промена на неговиот пораз на изборите во 2020 година и за задржување доверливи документи, се вели во судската пријава.
Во предлогот од шест страници за отфрлање на случајот за мешање во изборите во 2020 година, обвинителите рекоа дека додека Трамп сè уште не е претседател, канцеларијата на генералниот совет на одделот, која обезбедува внатрешен правен совет, им кажала да го откажат случајот пред неговата инаугурацијата во јануари.
„Одамна беше ставот на Министерството за правда дека Уставот на САД забранува поднесување федерално обвинение и последователно кривично гонење на актуелниот претседател“, напиша главната заменичка на Смит, Моли Гастон.
Свет
Масакр во Турција: Убил седум лица, меѓу кои и сопственото дете
Турција ја потресе страшен семеен масакр во кој загинаа осум лица. Бахтијар Аладај уби седум лица, меѓу кои сопругата, детето, мајката, таткото, свекрвата и ја повреди сестра си, пред да се самоубие.
Телата на неговата сопруга, дете и свекрва, кои беа пријавени како исчезнати, се пронајдени покрај езерото Бујукчекмеџе. Наводно, Аладај претходно имал конфликти со сопругата поради љубомора и вежбал пукање со воздушен пиштол во својот фризерски салон во Авџилар, пренесува „Хуријет“.
Се започна во неделата, околу 16 часот и 30 минути, во квартот Јелалија на улица Чајир 1. Според информациите, 33-годишниот Бахтијар Аладај дошол во станот на неговото семејство, кој се наоѓа на приземјето на зграда на четири ката. По расправија со семејството, тој ги застрелал татко му Мухамед Аладај (65), мајката Нејмија Аладај (55) и сестрата Букет Аладај (30).
На лице место лекарски екипи ја констатирале смртта на Мухамед Аладај, додека Букет и Нејмија со повреди се пренесени во болница. И покрај напорите на лекарите, мајката на Нејми им подлегнала на повредите.
Околу 17:00 часот Аладај со автомобил се упатил до фризерскиот салон на улицата Чемил Мерич во Авџилар. Тој пукал во вработените, убивајќи го 30-годишниот Мехмед Салих Озсокук, додека неговата сопруга С.А и шурата Гохан Сојлу (34) се тешко ранети. Потоа Аладај со автомобил побегнал во Есенјурт.
Во 17:30 часот Аладај пристигнал на улицата 853 во Есенјурт, каде што го застрелал својот братучед Шадан Сердар Буке (33). Буке бил пренесен во болница, каде што починал. После тоа Аладај влегол во својот автомобил и се самоубил пукајќи си во главата.
По масакрот истанбулската полиција ја извести јавноста дека Бахтијар Аладај бил пронајден мртов во автомобил, каде што бил пронајден и пиштол. Наведено е и дека Аладај имал бројни криминални досиеја за употреба на наркотици.
Според медиумите, последни биле пронајдени телата на детето, сопругата и свекрвата. Тројцата се исчезнати, а полицијата дури подоцна ги откри телата на сопругата на Бахтијар Севим Аладај, десетгодишниот син Арсал Аладај и свекрвата Туркана Сојла во областа Тепекент покрај езерото Бујукчекмеџе.