Свет
Демонстранти уништиле статуи на Христофор Колумбо за време на празничниот викенд
Демонстрантите обезглавиле статуа на Христофор Колумбо во Конектикат, фрлиле друга статуа во пристаништето на Балтимор и ја запалиле скулптурата „Семејство пионери“ во Портланд, Орегон, за време на празничниот викенд за 4 Јули додека судирите за спорните споменици продолжуваат да беснеат во целата земја, пренесува „Њујорк пост“.
„Иако ги поздравуваме мирните протести и конструктивниот дијалог за тоа дали и како да се стават одредени споменици во контекст или да се преселат во музеите преку правен процес, беззаконието, вандализмот и уништувањето на јавниот имот е целосно неприфатливо“, напиша гувернерот на Мериленд, Лери Хоган, на „Фејсбук“.
„Лидерите на Балтимор треба да ја вратат контролата на сопствените улици и веднаш да почнат да ги прават побезбедни. Ова е антитеза на демократијата и треба да биде осудена од сите, без оглед на нивната политика“, напиша Хоган.
Мермерната статуа на Колумбо, која стоеше на пиедестал во близина на квартот Мала Италија во Балтимор, беше цел на демонстрантите во саботата вечерта на 4 јули. Толпата ја закачи со јажиња и ја собори на земја пред да ја повлече кон пристаништето и да ја фрли во водата.
Статуата е подигната во 1984 година и беше откриена од тогашниот градоначалник Вилијам Доналд Шафер и тогашниот претседател Роналд Реган.
Тоа не беше единствениот споменик на италијанскиот истражувач од 15 век уништен за време на викендот. Во Конектикат полицијата во саботата наутро открила дека главата на гранитната статуа на Колумбо, висока 12 метри, и поставена во близина на градското собрание, била откината во текот на ноќта и сè уште е исчезната.
„Ова беше подарок за градот Вотербери од американската италијанска заедница и жално е што е уништен на овој начин“, рече Дејвид Х. Саливан, локален кандидат за Конгресот.
Статуи на историски личности – вклучително и Колумбо, Џорџ Вашингтон, личности од Конфедерацијата и други сопственици на робови – станаа цел на демонстрациите на „Блек лајвс медр“ откако националните расни немири ги обновија дебатите за нивното мешано наследство.
Полицијата во Портланд, Орегон, исто така прогласи немири во саботата кога демонстрантите ја запалија „Ветената земја“, скулптура во паркот пред судот. Поставена во чест на „Патеката во Орегон“, бронзената скулптура прикажува пионерски татко, мајка и син. Демонстрантите исто така се обиделе да го запалат и судот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го осуди сквернавењето на спомениците. На неговиот митинг во Маунт Рашмор во петокот тој вети дека ќе потпише извршна наредба за создавање национална градина на американски херои што ќе содржи статуи на големите Американци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.