Свет
Дмитриев: Да изградиме тунел „Путин – Трамп“, што ќе ги поврзе Русија и САД под морето
Русија и Соединетите Американски Држави треба да изградат железнички тунел „Путин – Трамп“ под Беринговото Море, што би ги поврзал двете земји, би почнал заедничко истражување на природните ресурси и би симболизирал единство, рече советникот на Путин.
Предлогот на Кирил Дмитриев, инвестициски советник на Путин и раководител на државниот фонд РДИФ, се однесува на проект за изградба на железница од 112 километри вредна осум милијарди долари, што би ја финансирале Москва и меѓународните партнери.
Дмитриев ја презентира идејата во четвртокот во телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп за време на кој тие се согласија да се сретнат во Будимпешта.
Долгата историја на идејата за поврзување континенти
„Врската помеѓу САД и Русија под Беринговото Море е одраз на долгогодишна визија, од железницата Сибир – Алјаска од 1904 година до рускиот план од 2007 година. РДИФ ги анализира постојните проекти, вклучувајќи ја и железницата САД – Канада – Русија – Кина, и ќе го поддржи оној што е изводлив“, напиша Дмитриев на X.
Беринговата Теснина, кој е широка 82 километри на најтесната точка, го одделува рускиот регион Чукотка од Алјаска. Идејата за поврзување на двете територии е стара 150 години, но никогаш не е реализирана.
Дмитриев посочи дека тунелот може да го изгради градежната компанија The Boring Company во сопственост на Илон Маск. Ниту Маск ниту Трамп досега не го коментираа предлогот.
Дмитриев потсети дека за време на Студената војна се појавила слична идеја – мостот на мирот „Кенеди – Хрушчов“ – и објави нацрти на проектот од тоа време, како и графички приказ на можната рута на тунелот „Чукотка – Алјаска“, пишуваат медиумите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

