Свет
Дмитриј Рогозин: Руската програма за Месечината е десетпати поевтина од американската
Руската програма за Месечината е неколкупати поевтина од американската, меѓутоа нејзините резултати нема да бидат помалку значајни, изјави шефот на руската државна вселенска корпорација, Дмитриј Рогозин, пренесува ТАСС.
„Добивме своја програма за Месечината. Таа тежи десетпати помалку од американската, но нејзините резултати нема да бидат помалку важни за нашите научници“, напиша тој на својот канал на „Телеграм“.
Според шефот на „Роскосмос“, во науката, кога има помалку ресурси, треба да ги одредите приоритетите и да одите попреку наместо да го следите водачот со каубојска капа, што не знае зошто и каде трча.
Рогозин истакна дека неколкупати разговарал за програмата за Месечината со НАСА и со американски политичари.
„Најинтересно е што тие не може точно да објаснат зошто треба повторно да одат на Месечината. Му поставив на шефот на НАСА, Бриденстин, едноставно прашање: ако повторно слетате на Месечината, само ќе докажете дека ги имате технологиите што ги имавте пред 70 години, а тој само воздивна“, вели Рогозин.
Шефот на „Роскосмос“ додаде дека Русија нема да учествува во ниту една трка за Месечината сè додека не ја разбере поентата на фондот за награди.
Претходно, Рогозин истакна дека милитаризацијата на Месечината и на истражувањата на Месечината е неприфатлива коментирајќи го написот на „Волстрит џурнал“, во кој, повикувајќи се на информирани извори во американската влада и вселенската индустрија, се вели дека Министерството за одбрана на САД може да ја осигури безбедноста на базите на НАСА на Месечината во иднина, како и безбедноста на приватните мисии што имаат цел да најдат ресурси на површината на Месечината.
Весникот истакна дека проширената соработка помеѓу Министерството за одбрана на САД и НАСА е поврзана со потребата да се спротивстават на предизвиците што ги поставуваат Русија и Кина.
Москва повеќепати посочуваше дека Вашингтон планира да распореди оружје во вселената.
На 25 февруари 2020 година, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави на Конференцијата за разоружување дека сите планови на САД, Франција и НАТО да стават оружје во вселената стануваат пореални. Тој додаде дека не е доцна да се спречи конфронтација во вселената преку формирање заеднички правила на однесување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

