Свет
Договорот меѓу ОАЕ и Израел ќе биде потпишан во Белата куќа следната недела
Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) планираат да потпишат договор за нормализација на односите во Белата куќа на 15 септември, соопштија американските власти.
Делегациите од двете нации најверојатно ќе ги предводат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за надворешни работи на Емиратите, Мохамед бин Зајад, велат анонимни претставници на Белата куќа за „Асошиејтед прес“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе биде домаќин на настанот.
Израелскиот „Ченл 12 њуз“ објави во понеделникот дека во тек се преговори меѓу ОАЕ, САД и Израел за организирање на голема церемонија за потпишување во Вашингтон на 22 септември во присуство на Трамп, Нетанјаху и престолонаследникот на ОАЕ, Мохамед бин Зајед.
На 13 август, ОАЕ и Израел објавија договор за нормализирање на односите со посредство на САД, вклучително и отворање амбасади.
Палестинските власти и фракциите на отпорот го осудија договорот, велејќи дека тој не ѝ служи на палестинската кауза и ги игнорира правата на Палестинците.
Палестинските власти соопштија дека секој договор со Израел треба да се заснова на Арапската мировна иницијатива од 2002 година врз принципот „земја за мир“, а не „мир за мир“, како што тврди Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Родригез ќе помине полошо од Мадуро ако не прави како што треба
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека венецуелската потпретседателка Делси Родригез би можела „да плати повисока цена“ од соборениот лидер Николас Мадуро „ако не го стори она што е исправно“.
– Обновата на земјата не е лоша работа. Венецуела е банкротирана. Оваа земја е катастрофа во секој поглед.„Ако (Родригез) не сака да го прави она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно повисока од цената што ја плати Мадуро, рече Трамп.
Трамп по вчерашниот напад врз Венецуела и грабнувањето на Мадуро, првично ја пофали Родригез и кажа дека таа ќе соработува со САД. Но, кратко потоа, Родригез му одгооври дека нејзината земја ќе ги заштити своите природни ресурси.
Американскиот претседател ја бранеше својата одлука за насилно заробување на Мадуро, велејќи: „Реставрацијата и промената на режимот – како и да ја наречете – се подобри од она што го имаме таму во моментов. Не може да биде полошо“.
Трамп, исто така, рече дека и други земји, особено Гренланд, би можеле да бидат цел на интервенција на САД.
– На другите е сами да проценат што значи американската воена акција во Венецуела за Гренланд. Апсолутно ни е потребен Гренланд. Потребен ни е за одбрана, рече тоj за островот, кој е дел од Данска, која е членка на НАТО.
Свет
В четврток и петок целосна блокада на главните патни правци низ Грција
Со 48-часовна блокада на целата национална патна мрежа, на споредните патишта и на клучните патни правци во Грција, како и на граничните премини, но веројатно само за камиони, в четврток и петок грчките земјоделци ги продолжуваат нивните активности по празниците, согласно одлуките што ги донесоа на повеќечасовниот состанок одржан денеска со учество на претставници на 62 блока од целата земја.
На масовниот состанок одржан во Малгара во близина на Солун, претставниците на земјоделците одлучија дополнително интензивирање на протестите, веднаш по Водици што во Грција е на 6 јануари, а целта е земјата да се подели на два дела и да се запрат секакви активности на главните грчки автопатишта.
Во однос на граничните премини, најавите се дека во овие 48-часа ќе постои целосна блокада за камионите, додека пак автобусите и автомобилите ќе се сообраќаат непречено.
Протестите на земјоделците траат над еден месец, започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.
Во периодот околу Божиќ и сега пред и по Нова година, земјоделците привремено ги тргнаа блокадите за да го олеснат патувањето на граѓаните за време на празниците.
Свет
Најмалку 40 убиени во американскиот напад врз Венецуела
Најмалку 40 лица, вклучувајќи воен персонал и цивили, се убиени во американските воздушен напад врз Венецуела рано во саботата наутро, изјавил висок венецуелски функционер за „Њујорк тајмс“.
Весникот пренесува дека во нападот имало цивилни жртви, особено во Катија Ла Мар, сиромашна крајбрежна област западно од аеродромот во Каракас, каде што била погодена трикатна станбена зграда, при што се урнал нејзиниот надворешен ѕид.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека во нападот нема настрадани американски војници, но призна дека неколкумина се повредени.
Подоцна истиот ден, на прес-конференција во Мар-а-Лаго, генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, објасни дека американските хеликоптери, кои биле на мисија да ги извлечат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, биле нападнати. Според него, еден хеликоптер бил погоден, но останал оперативен, додека сите американски авиони се вратиле дома безбедно.

