Свет
Документи на ЦИА откриваат дека Хитлер фантазирал дека е Исус Христос
Адолф Хитлер фантазирал дека е Исус Христос и за второто доаѓање на спасителот, пренесува „Дејли стар“ повикувајќи се на декласифицирани документи на ЦИА. Во профилот на Хитлер на 68 страници, направен речиси една година откако САД влегоа во Втората светска војна, се тврди и дека тој имал комплекс на месија.
Тајно досие составено од Канцеларијата за стратешки служби, претходничка на ЦИА, презентира биографска скица на фирерот. Таа била испратено од д-р Хенри Филд до главниот помошник на американскиот претседател Франклин Делано Рузвелт. Според досието, Хитлер бил опишан како сексуално некадарен маж опседнат со себеси. Поточно, во документот се вели дека фирерот сонувал да биде месија кој ќе го исчисти Берлин, град што го сметал за „Вавилон на гревот“.
Хитлер почнал да размислува за себе како полубог уште во раните 1920-ти додека ја создавал нацистичката партија, тврдат декласифицираните документи. До 1923 година почнал да зборува за себеси како суров месија на светот, се вели во досието. Ова размислување влијаело врз неговата политика и врз неговиот сексуален живот.
Документите опишуваат како Хитлер дематирал новинарска вест во која се вели дека бил свршен со Ернам, сестрата на извесен д-р Сеџвик.
„На Хитлер многу му годеа шпекулациите, но под притисок од д-р Сеџвик да ја негираат веста, тој му рекол: Те овластувам да им кажеш на весниците дека никогаш нема да се свршам со жена ниту ќе оженам. Единствената вистинска невеста за мене е и секогаш ќе биде германскиот народ“. Според досието, пријателот на Хитлер, Ернст Ханфстауенгл изјавил дека фирерот се сметал себеси за месија по овој говор.
Британската историчарка Ема Крејги неодамна зборуваше за интимните детали од сексуалниот живот на фирерот. Крејги тврди дека тој имал мал пенис, си инјектирал животински тестостерон и ги камшикувал кучињата за да ја импресионира својата љубовница Ева Браун.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

