Свет
Дутерте ја именуваше противничката за своја советничка

Претседателот на Филипини, Родриго Дутерте, главната политичка противничка, Лени Робредо, денеска ја именуваше за свој советник за борба против дрога. Именувањето следи откако таа го критикуваше високото ниво на смртност во акциите за сузбивање на дрога, додека нејзиниот штаб оваа понуда ја отфрли како „трик“.
Портпаролот на Дутерте потврди дека претседателот го именувал Робредо за копретседател на меѓуагенцискиот панел за борба против дрогата и дека им наредил на сите агенции да ѝ пружат целосна поддршка.
„Ако тврди дека војната против дрогата е неефикасна, тогаш таа мора да има идеја како да ја направи поефикасна“, рекол портпаролот на Дутерте, Салвадор Панело.
Групи за човекови права сметаат дека острите мерки на Дутерте довеле до систематски егзекуции и зташкување на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Повредени патници на лет кон Хјустон, авионот поминал низ силни турбуленции

Најмалку пет патници на летот на „Јунајтед ерлајнс“ за Хјустон се повредени синоќа кога авионот наишол на силни турбуленции што го принудиле да слета неочекувано, објави денеска „Њујорк пост“.
Авионот, со 29 патници и тројца членови на екипажот, полетал од Спрингфилд, Мисури, но поради турбуленции бил пренасочен кон регионалниот аеродром Вако, изјави координаторот на Канцеларијата за управување со вонредни состојби во округот Мекленан, Рајан Диркер.
Петмина повредени патници се пренесени во блиската болница со повреди кои не се опасни по живот.
Скај Вест, кој го реализираше летот, соопшти дека авионот безбедно слетал откако навлегол во турбуленции.
Свет
Папата Франциско тргнат од респиратори, состојбата му е стабилна

Папата Франциско е тргнат од респираторите и синоќа беше во стабилна состојба, соопшти Ватикан.
Според Индипендент, тоа било знак дека ги надминал можните компликации предизвикани од респираторна криза во петокот и дека дишењето му се подобрува за време на закрепнувањето од пневмонија.
Папата продолжува да добива дополнителен кислород со висок проток по проблемите со кашлањето во петокот, што ги зголеми стравувањата од нова инфекција на белите дробови.
Лекарите во извештајот доцна во неделата рекоа дека папата Франциско остана стабилен, но повторно укажа на сложеноста на неговата севкупна состојба и ги задржаа прогнозите како претпазливи, што укажува дека тој сè уште не е надвор од животна опасност.
Папата се лекува во римската болница Гемели од 14 февруари.
Европа
Макрон: Европските земји треба да ги зголемат воените трошоци меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските земји значително да ги зголемат годишните воени трошоци, на повеќе од 3 отсто од БДП. Оваа порака тој ја испрати по итниот состанок за Украина, кој се одржа во Лондон.
Додека балтичките земји веќе некое време бараат воените инвестиции да се зголемат на најмалку 3 отсто од БДП, а актуелниот американски претседател Доналд Трамп бара до 5 отсто, Макрон сега за првпат конкретно изјави колку Европа треба да одвои според него.
„Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана во последните три години. Мораме да се подготвиме за она што доаѓа, а нашата цел треба да биде меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП“, рече Макрон во интервју за францускиот весник „Фигаро“. Франција моментално троши 2,1 отсто од својот БДП за одбрана, што е нешто над целта на НАТО од 2 отсто, која Париз ја постигна дури минатата година.
Европа, пак, се обидува да договори заеднички одговор на новата американска политика кон Украина. Вашингтон се повеќе и врти грб на Европа и бара договор со Русија, а стравувајќи за иднината на НАТО, европските земји сакаат да ги зајакнат сопствените воени капацитети и да покажат подготвеност да ги споделат трошоците во алијансата за да ја задржат американската поддршка.
Европскиот совет во четврток одржува специјален самит за одбраната и Украина, а лидерите се очекува да разговараат за начините за финансирање поголеми воени инвестиции.