Свет
Евакуирани 900 лица по ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала
Речиси илјада луѓе се евакуирани денеска во Гватемала откако вулканот Фуего повторно еруптираше, соопштија органите за цивилна заштита.
Лоциран на околу 35 километри југозападно од главниот град на Гватемала, вулкан се активираше, исфрлајќи лава, пепел и карпеста маса.
„Како мерка на претпазливост, започна евакуацијата на околу 125 семејства или околу 900 лица“, соопшти националната служба за управување со катастрофи.
Општинската зграда во градот Алотенанго ќе служи како привремено засолниште за евакуираните.
Властите прогласија состојба на готовност за да одржуваат „постојан контакт со градоначалниците и гувернерите“ на областите во близина на вулканот и „координираат превентивни акции“ во случај на ерупција, соопшти службата.
Владата, исто така, ја прекина наставата во училиштата во областа околу вулканот и го затвори патот што го поврзува југот на земјата со поранешната колонијална престолнина Антигва – главната туристичка дестинација на Гватемала и дел од светското наследство на УНЕСКО од 1979 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.
Свет
Пакистан: Тројца бомбаши-самоубијци го нападнаа седиштето на паравоените сили
Тројца бомбаши-самоубијци денес го нападнаа седиштето на паравоените сили во Пешавар, при што загинаа три припадници, а најмалку петмина беа ранети, пренесе „Ројтерс“. Напаѓачите прво отвориле оган на влезот, а потоа се разнеле во кругот на комплексот на граничната полиција.
Полицијата соопшти дека напаѓачите се пробиле во објектот по првичната престрелка. Областа е блокирана од армијата и полицијата, а според локални извори се сомнева дека во комплексот можеби има уште напаѓачи. Ранетите, меѓу кои и двајца припадници на паравоените сили, се пренесени во болница.
Нападот се случува во време на зголемена активност на исламистички милитанти во регионот, по смртоносните погранични судири меѓу Пакистан и Авганистан минатиот месец. Досега ниту една група не презеде одговорност.
Свет
Германскиот канцелар: Русија мора да се врати на преговарачка маса
Русија мора да учествува во разговорите за мировниот план за Украина за тој воопшто да има шанса, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот ЕУ–Африканска унија во Луанде.
„Русија мора да биде присутна на масата. Ако тоа се оствари, секој напор би бил оправдан, а во спротивно, ќе треба да се удвојат напорите“, рече Мерц.
Берлин го поздрави напредокот постигнат во Женева врз основа на американскиот мировен нацрт од 28 точки, првично оценет како премногу наклонет кон Москва. Мерц нагласи дека Европa мора да го одобри секој дел од идниот договор што се однесува на нејзината безбедност.
По неделните разговори во Женева, САД и Украина изработија нова, ревидирана верзија на мировната рамка за која велат дека целосно ја почитува украинската сувереност. Почетниот план на Доналд Трамп содржел повеќе руски барања, меѓу кои територијални отстапки, намалување на украинската војска и откажување од членство во НАТО, со западни безбедносни гаранции за Киев.

