Свет
Еврокомесарот за буџет тврди дека Италија се обидува да ја уништи Европа
Европскиот комесар задолжен за буџетот, Гинтер Отингер, повторно ја нападна популистичката италијанска влада, обвинувајќи ја дека сака да ја уништи Европа. Отингер се жалеше на актуелната состојба на Европската Унија, тврдејќи дека популистичката евроскептичка коалиција на Лига и Движењето пет ѕвезди (М5С) активно се обидува да му наштети на политичкиот блок, пренесува „Ил џорнале“.
„Ако ме прашате мене, проектот (Европската Унија) се приближува до смртоносната опасност. Некои внатре во Европа сакаат да ја ослабат или дури да ја уништат”, рече Отингер, наведувајќи неколку земји, меѓу кои Италија, Полска и Унгарија, кои се во судир со Комисијата во Брисел поради прераспределбата на мигранти и други домашни прашања .
Нападот на Лига, на чие чело е италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, и М5, на чие чело е министерот за економски развој, труд и социјална политика Луиџи ди Мајо, не е прв од Отингер, кој минатата недела им се закануваше на Италијанците со санкции од ЕУ.
ЕУ го нападна популистичкиот лидер на Италија откако тој предложи исплатите кон Брисел да престанат поради неуспехот ЕУ да ја олесни мигрантската криза. Заканата уследи како одговор на изјавата на Ди Мајо, која доби поддршка од Салвини, за да ги прекине италијанските средства за ЕУ и да го искористи ветото на Италија за европскиот буџет.
Конфликтот меѓу ЕУ и Италија во голема мера се врти околу нерешеното мигрантско прашање зашто Италијанците би сакале и другите членки на политичкиот блок да преземат дел од новодојдените мигранти. Италијанците го направија барањето услов за да им дозволат на мигрантите повторно да влезат во Италија по наредбите на Салвини за затворање на италијанските пристаништа на бродовите на невладините организации кои се пренесуваат мигранти. Салвини ги нападна другите европски лидери, како францускиот претседател, Емануел Макрон, кого го нарече лицемер поради барањето Италија да дозволи влез на мигранти во земјата додека Франција ги зајакна граничните контроли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

