Регион
Европол: Имаме докази дека терористи го користат Западен Балкан
Лица поврзани со тероризам патуваат во ЕУ користејќи ги услугите на криминалните мрежи за шверцување мигранти, се предупредува во извештајот за тероризам на Европол.
Како што се наведува во извештајот, тие рути го вклучуваат источен Медитеран, влезот во Грција од Турција и натаму патувањата преку Западен Балкан до ЕУ.
Како што беше нагласено, осомничените терористи или насилните екстремисти, вклучително и поединци што се враќаат од бојното поле, користат лажни документи добиени од криминални структури за да патуваат до или во ЕУ.
Се наведува дека во 2021 година до Европол бил пријавен само еден насилен инцидент потенцијално поврзан со џихадизмот во Западен Балкан. Се појаснува дека албански државјанин е уапсен под обвинение за тероризам кога со нож избол пет лица во џамија во Тирана. Во текот на судењето насилникот бил пратен во психијатриска болница.
„Методите што се користат за радикализација или регрутирање следбеници во регионот го одразуваат сложеното политичко сценарио во земјите од Западен Балкан, каде што прашањата поврзани со етничкиот и верскиот идентитет се комбинираат со економските и социјалните тешкотии“, се вели во овој документ.
Исто така, се вели дека радикализираните и екстремистичките групи во регионот се обично мали, лабаво организирани и водени од поединци што се прифатени од членовите на групата како религиозни власти.
„Според оценката на земјите од Западен Балкан, салафистичките групи и поединците што се залагаат за ултраконзервативни и екстремистички толкувања на исламот остануваат главни двигатели на радикализацијата во регионот. Во салафистичките заедници забележано е дека проповедниците активни во паралелни џамии и на неформални собири промовираат насилство, а повратниците од Сирија и другите конфликтни области продолжија да шират џихадистички идеологии“, се вели во извештајот.
Неколку земји од Западен Балкан, како што се наведува, го потврдија трендот забележан во претходните години дека некои екстремистички групи се претставуваат како невладини организации (НВО), кои работат во хуманитарни цели.
„Во оваа позиција тие собираат донации, кои потоа се насочени кон поддржувачи или симпатизери на радикалните исламистички идеологии. Во некои случаи овие групи воспоставија врски со мигрантските заедници што потекнуваат од Западен Балкан во земјите на ЕУ. Во 2021 година неколку осомничени се вратија од конфликтни области во земјите од Западен Балкан“, се наведува во извештајот на Европол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

