Свет
Европската Унија блокираше пратка од вакцината на „Астразенека“ за Австралија

Европската комисија и Италија ја блокираа испораката на вакцината на „Астразенека“ во Австралија, бидејќи производителот не ги исполнил своите обврски од договорот склучен со Европската Унија, објави „Ројтерс“.
„Астразенека“ побарала дозвола од италијанските власти за извоз на 250.000 дози од фабриката Анагни близу Рим. Италијанската влада одби да ја одобри дозволата, а Европската комисија го поддржа тоа.
Со ова, Европската Унија првпат ја искористи можноста за забрана за извоз на вакцини против Ковид-19.
Во јануари блокот воспостави регистар за следење на извозот на вакцини среде спорот со британско-шведскиот производител за да следи дали лабораторијата ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ.
Овој механизам им овозможува на властите на одделни земји членки на ЕУ, во консултација со Европската комисија, да блокираат извоз до дестинација надвор од Европската Унија, ако блокот верува дека производителот не ги исполнил своите обврски кон ЕУ.
„Астразенека“ сè уште не ги доставила ветените дози до Европската Унија и ги намали планираните испораки од 80 на 40 милиони дози, оправдувајќи го ова намалување со потешкотии во производството.
Се сомневаше дека вакцините произведени во ЕУ се продаваат на земји надвор од блокот, поради што е воспоставен регистар за следење на извозот на вакцини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп се огласи по пукањето во Вашингтон: Омразата и радикализмот немаат место во САД, сочувство до жртвите

Американската државна обвинителка Пам Бонди на прес-конференција по пукањето пред Еврејскиот музеј во Вашингтон, во кое беа убиени две лица, изјави дека неколку пати разговарала со претседателот Доналд Трамп.
„Во име на претседателот, неговите молитви се со сите нас – со еврејската заедница, со сите во Вашингтон и со државните, локалните и федералните агенции, како и со нашата одлична американска обвинителка Џанин Пиро, која ќе го води овој случај“, рече Бонди.
Трамп објави порака со сочувство до семејствата на убиениот пар на Truth Social кратко потоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп им упати сочувство на семејствата на двајца вработени во израелската амбасада кои беа убиени во пукање во близина на Еврејскиот музеј во Вашингтон.
„Овие ужасни убиства во Вашингтон, очигледно мотивирани од антисемитизам, мора веднаш да престанат! Омразата и радикализмот немаат место во САД. Сочувство до семејствата на жртвите. Жално е што вакви работи воопшто се случуваат! Нека Бог ве благослови сите“, напиша претседателот на Truth Social.
Свет
(Видео) Двајца израелски дипломати убиени во Вашингтон

Двајца вработени во израелската амбасада се убиени во пукотница за време на настан во Музејот на еврејско наследство во Вашингтон.
Маж и жена беа застрелани во областа во северозападниот дел на градот, во близина на музеј.
„Двајца вработени во израелската амбасада беа бесмислено убиени вечерва во близина на Еврејскиот музеј во Вашингтон“, напиша министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем во објава на Икс.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека тој и неговиот тим биле известени за пукањето.
„Додека работиме со Одделот на метрополитенската полиција за да одговориме и да дознаеме повеќе, ве молиме молете се за жртвите и нивните семејства“, напиша тој на Икс.
Генералниот обвинител Пам Бонди и американската обвинителка за округот Колумбија, Џанин Пиро, беа на местото на пукањето.
Одделот на метрополитенската полиција одби да коментира, велејќи дека наскоро ќе се одржи прес-конференција.
Свет
Во Газа убиено бебе старо еден ден

Во еден од најновите напади на израелската армија, беше бомбардирана куќата на семејството Ал-Кахлут во Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, јавува новинската агенција Анадолија.
Голем број цивили беа убиени, вклучувајќи и еднодневно бебе. Телата на загинатите беа пренесени во болницата Ал-Акса, каде што беше потврдено дека меѓу жртвите има и новороденче.
Анадолија објави и фотографии на кои се прикажани тела на деца. На фотографиите се гледа жена која тагува по дете на подот од болницата, тело на момче во изгорени пижами, маж кој држи тело на новороденче во раце и група мажи кои изнесуваат тела од болницата.