Свет
Европска метропола погодена од циклон, се очекува снег до 20 сантиметри со силен ветер
Во претходните 24 часа силен циклон од Северното Море помина над југот на Скандинавија и Данска. Донесе бурни ветрови и обилни дождови во централна Европа и во Данска, а обилен снег падна на југот на Норвешка. Циклонот сега се движи кон истокот на Европа и ќе ја зафати Русија.
Во овој момент над Белорусија се движи силен циклон од северот на Европа и на пат кон Русија уште повеќе се зајакнува.
Воздушниот притисок во центарот на циклонот се очекува да падне на 975 милибари.
Денеска ќе ги зафати европскиот дел на Русија и Москва и ќе донесе многу обилни врнежи од снег – до 20 сантиметри, а се очекува и силен западен ветер со удари од 80 км/ч. Комбинацијата од снег и силен ветер ќе создаде снежна бура и ќе предизвика проблеми во сите видови сообраќај.
Невремето најсилно ќе ги зафати западниот и јужниот дел на Русија и поширокото подрачје на Москва, па сè до југ до Кавказ и внатрешноста на Црното Море.
Со оглед на тоа дека циклонот во Русија ќе пристигне од Балтичкото Море, ќе донесе огромни количества влага и снег.
Во московската област висината на снежната покривка би можела да надмине половина метар, а третина од просечните врнежи за февруари се очекува да паднат до вечер. До петок наутро температурата ќе се спушти до -25°С во московското подрачје, а ледените денови ќе траат до крајот на неделата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Новинарска истрага откри лажна диплома, министерот за одбрана на Романија поднесе оставка: „Биографијата ја составив набрзина“
Романскиот министер за одбрана Ионут Моштеану поднел оставка откако призна дека погрешно навел дека има универзитетска диплома што никогаш не ја стекнал. Тој изјавил дека „животописот го составил набрзина“ и се извинил за грешката.
Моштеану посочил дека расправите околу него не треба да го одвлекуваат вниманието од работата на институциите во време кога Романија и Европа се соочуваат со руски закани и хибридни напади.
„Има грешка во биографијата што набрзина ја составив во 2016 година користејќи образец што го најдов на интернет, не обрнав доволно внимание на тие детали во тоа време“, напиша тој на Фејсбук.
Скандалот избил по новинарска истрага која открила дека во неговата биографија погрешно било наведено дека дипломирал на факултет кој никогаш не го посетувал.
Премиерот Илие Болохан најавил дека привремено местото министер за одбрана ќе го преземе министерот за економија и туризам, Раду Мируту.
Свет
Путин: Би сакал да се сретнам со Трамп во Будимпешта
За време на средбата во Кремљ, Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан разговараа за ситуацијата во Украина и за билатералните односи.
Претседателот на Русија рече дека идејата Русија и САД да одржат разговори во Унгарија ја предложил Доналд Трамп: „Тој веднаш рече: „Имаме добри односи со Унгарија, вие имате добри односи со Виктор, и јас имам, па затоа ја предлагам оваа опција“. Секако, со задоволство ќе се согласиме“.
Путин истакна дека би сакал средбата да се одржи во Будимпешта доколку страните се согласат за тоа. Москва, вели тој, ја знае балансираната позиција на Унгарија за украинското прашање: „Ви благодарам што толку отворено реагиравте на можноста за средба меѓу мене и претседателот на Соединетите Американски Држави токму во вашата земја“.
Од своја страна, Орбан рече дека е подготвен да обезбеди место за преговори:
„Се надеваме дека неодамна презентираните мировни иницијативи на крајот ќе доведат до тој многу посакуван мир“.
Путин нагласи дека односите меѓу Москва и Будимпешта се темелат на прагматичен пристап – земјите соработуваат во енергетиката, а трговијата се зголеми за седум проценти оваа година. Постојат прашања и проблеми што бараат дискусија.
„Многу ми е мило што, и покрај сите предизвици денес, нашите односи преживуваат и продолжуваат да се развиваат“.
Орбан прецизира дека Унгарија ја цени стабилноста на снабдувањето со енергија од Русија и е заинтересирана за понатамошен дијалог.
„Ова е четиринаесетти пат како се среќавам со вас. Мислам дека, земајќи го предвид сегашниот историски момент, навистина направивме многу за да ја развиеме соработката меѓу нашите народи. Искрено се надевам дека ќе направиме многу повеќе“.
Премиерот додаде дека Будимпешта не подлегнала на надворешниот притисок и дека продолжува да ги развива односите со Москва.
На состанокот присуствуваа и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, помошникот на претседателот, Јуриј Ушаков, и вицепремиерот Александар Новак. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно истакна дека лидерите не планираат да се обратат пред медиумите.
Орбан пред летот за Москва рече дека сака Унгарија да продолжи да увезува нафта и гас од Русија. Според него, САД ги укинаа санкциите за испораките преку нафтоводи. Премиерот нагласи дека рускиот извоз ѝ обезбедил на Унгарија најниски цени на енергија во Европа.
Фото: ЕПА
Свет
Турската полиција уапси повеќе од 1.000 лица во безбедносна операција во Истанбул
Турската полиција уапси 1.022 лица за време на големата безбедносна операција „Мир Истанбул“ спроведена во Истанбул, објавија властите.
Операцијата почна доцна синоќа со поддршка на полициски хеликоптери и бродови на поморската полиција, објавија турските медиуми.
Речиси 3.000 полицајци се распоредени во целиот град поставувајќи контролни пунктови, проверувајќи јавни места и извршувајќи проверки на идентитетот, пренесува „Танјуг“.
Проверени се повеќе од 363.000 лица, а 528 лица се приведени под сомнение за разни прекршоци. За време на операцијата конфискувано е нелегално огнено оружје, празни пиштоли, пушки, муниција, над еден килограм наркотици и готовина поврзана со продажба на дрога.
Исто така, биле проверени речиси 200 компании и извршени се обемни сообраќајни контроли.
Службениците истакнуваат дека операцијата е дел од континуираните напори за зајакнување на јавната безбедност во најголемиот град во Турција.
Фото: ЕПА

