Европа
Европскиот парламент бара итно целосно ембарго на увозот на руска нафта, јаглен и гас

Европскиот парламент повика на уште посилни санкции на ЕУ против Русија, вклучително и целосен прекин на увозот на енергенси од таа земја, а да се вклучи и сојузникот на Кремљ, Белорусија.
Во резолуцијата усвоена денеска со 513 гласа „за“, 22 „против“ и 19 „воздржани“, европратениците повикаа на дополнителни санкции против Русија, вклучително и итно целосно ембарго за увоз на руска нафта, јаглен, нуклеарно гориво и гас што е можно поскоро, известија од Европскиот парламент.
Ова треба да биде придружено со план за гарантирање на безбедноста на снабдувањето со енергија во ЕУ, како и стратегија за запирање на санкциите доколку Русија преземе чекори за враќање на независноста, суверенитетот и територијален интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и притоа целосно да ги отстрани своите војници од земјата.
Постојните санкции сега мора целосно и ефективно да се применат низ целата ЕУ и меѓународните сојузници на ЕУ како приоритет, велат пратениците.
Тие ги повикаа лидерите на ЕУ да ја исклучат Русија од Г20 и другите мултилатерални организации, како што се УНХРЦ, Интерпол, Светската трговска организација, УНЕСКО и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ако Сиријците не си заминат доброволно, ќе им помогнеме да си заминат, рече заменик-претседателката на АфД

Заменик-претседателката на парламентарната група Алтернатива за Германија (АфД), Беатрикс фон Шторх, јасно го кажа својот цврст став за имиграцијата додека зборуваше во живо за Си-ен-ен во неделата навечер.
„Прво треба да се ослободиме од сите оние кои се илегално во Германија, а потоа да ги протераме сите оние кои дојдоа од Сирија бегајќи од Асад и сега го слават неговиот пад на улиците на Германија“, рече фон Шторх на изборната прослава на АфД во Берлин.
Таа продолжи: „Тие треба да си заминат доброволно. Ако не сакаат да си заминат, ќе им помогнеме да си заминат. Истото важи и за оние од Авганистан“.
Фон Шторх додаде дека е „благодарна“ на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс што „укажал дека демократијата е под закана и дека слободата на говорот во Германија е навистина под притисок“. Ова доаѓа откако Венс зборуваше на Минхенската безбедносна конференција претходно овој месец, велејќи им на европските лидери дека таканаречените „огнени ѕидови“ немаат „место“ во демократијата.
Европа
Зеленски: Ни требаат 20 системи „Патриот“, подготвени сме да инвестираме

На Украина и се потребни 20 системи „Патриот“ за заштита од руски воздушни закани, кои ќе чинат околу 35 милијарди долари (33,45 милијарди евра), изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека Украина е подготвена да ја инвестира таа сума.
„Потребни ни се 20 од овие системи („Патриот“), а тоа е дефинитивно 35 милијарди долари. Доколку САД ни обезбедат 35 милијарди долари во форма на „Патриот“, ќе сметаме дека тие инвестирале. Ние, пак, сме подготвени да инвестираме иста сума од наша страна“, рече Зеленски, објави УНН.
Според Зеленски, цената на еден систем „Патриот“ е околу 1,5 милијарди долари (1,43 милијарди евра), иако цената може да се зголеми на 1,8 милијарди долари (1,72 милијарди евра) поради војната. Зеленски, исто така, истакна дека Украина сè уште не ги добила сите системи „Патриот“ што беа најавени минатата година.
Европа
Германскиот министер за одбрана: Ова е катастрофа

НА предвремените парламентарни избори одржани на 23 февруари 2025 година, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) освоија 29 отсто од гласовите, додека екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) постигна историски успех со 19,5 отсто од гласовите. Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го доживеа својот најлош резултат во својата историја, освојувајќи само 16 отсто од гласовите.
Германскиот министер за одбрана и член на СПД Борис Писториус го опиша изборниот резултат на неговата партија како „катастрофален“. Во интервју за АРД, Писториус изјави: „Ова е катастрофален, катастрофален резултат“. Тој ја истакна потребата од единство во партијата за надминување на оваа криза.
Актуелниот канцелар Олаф Шолц го призна поразот на СПД на изборите. Обраќајќи им се на партиските членови во Берлин, Шолц рече: „Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија, а во исто време и изборен пораз“. Тој повика на борба за демократија и единство во партијата за надминување на предизвиците што претстојат.