Европа
Европските метрополи повторно во карантин

Eвропските метрополи – Мадрид, Париз, Лондон, како и десетици други градови низ ЕУ – од оваа недела повторно се под строг режим на ограничено движење на населението поради ширењето на епидемијата на коронавирусот.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави повторно воведување вонредна состојба и полициски час од 21 до 6 часот наутро во девет града со цел да се сузбие епидемијата.
„Мораме да реагираме“, рече Макрон нагласувајќи дека Франција не ја изгубила контролата над коронавирусот, но дека ситуацијата е загрижувачка.
Во Шпанија, по објавувањето на алармантната состојба, забрането е движењето на жителите на Мадрид внатре и надвор од главниот град доколку не е потребно, објави „Синхуа“.
Британската влада објави дека на жителите на Лондон ќе им биде забрането да се собираат во следните шест недели, почнувајќи од сабота.
„Во борбата против коронавирусот за Лондон ова е клучен момент“, рече градоначалникот Садик Кан.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, и премиерите на 16 провинции се согласија да ги засилат мерките во врска со задолжителното носење маски и затворањето на баровите во областите каде што е забележано ширење на вирусот.
„Она што ќе го направиме во наредните денови и недели ќе биде одлучувачко за тоа како ќе поминеме за време на пандемијата“, рече Меркел на прес-конференција.
„Ние сме многу поблиску до друг карантин отколку што сакаме да веруваме“, рече премиерот на Баварија, Маркус Зедер, и предупреди: „Можеби не е пет до 12, можеби веќе дојде 12 часот“.
Канцеларката изјави дека ефективноста на мерките ќе се оценува континуирано и дека може да следуваат нови, пренесува „Ројтерс“.
„Ќе видиме дали денешните одлуки се доволни. Мојата загриженост не помина“, рече Меркел.
Во Италија во средата беше забележан рекорден пораст на бројот на заразени лица од почетокот на пандемијата во март – има вкупно 7.332, но односот помеѓу бројот на тестирани и заразени е низок процентуално.
Во оваа фаза особено загрижува состојбата во северната провинција Ломбардија, каде што има повеќе од 1.800 новоинфицирани за еден ден, од кои 1.032 беа нови случаи само во Милано. Координаторот на одделението за интензивна нега во Ломбардија, д-р Антонио Песенти, тврди дека не е исклучена можноста за воведување карантин за Милано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Жерар Депардје прогласен за виновен за сексуален напад

Судот во Париз го прогласи францускиот актер Жерар Депардје за виновен за сексуален напад врз две жени на филмски сет во 2021 година во еден од најзначајните случаи на #MeToo што се појавиле пред судовите во Франција, објави Си-ен-ен.
Депардје, истакната личност во француското кино, постојано негира каква било вина за време на судењето, а неговиот адвокат побара отфрлање на обвиненијата.
На судењето тој изјави дека медиумите ги искористиле обвинувањата за да му го нарушат угледот. Тој го критикува движењето #MeToo.
„Ова движење ќе се претвори во терор“, рече тој.
Сепак, судијата Тиери Донард објаснувањето на Депардје за инцидентот го сметаше неубедливо.
Државното обвинителство побара од судот да му изрече условна казна затвор од 18 месеци на 76-годишниот Депардје и глоба од 20.000 евра.
Судењето на Жерар Депардје се смета за пресвртница за француската филмска индустрија, која со години беше обвинувана дека е бавна, па дури и отпорна на обвинувањата за злоупотреба од страна на жените.
Во извештајот на францускиот парламент објавен минатиот месец се заклучува дека сексуалното насилство и сексуалното вознемирување остануваат ендемски во француската забавна индустрија и дека жените и децата сè уште се редовно изложени на предаторско однесување.
Европа
Пожар избувна во куќата на британскиот премиер, уапсен млад човек

Дваесет и едногодишен маж е уапсен под сомнение дека го запалил домот на британскиот премиер Кир Стармер во северен Лондон. Полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат со намера загрозување на животот. Метрополитенската полиција потврди дека осомничениот е уапсен во раните утрински часови и е во притвор.
Апсењето е поврзано со три одделни пожари што се случија во северен Лондон во текот на изминатата недела: пожар на приватна адреса во Кентиш Таун, запалено возило и уште еден пожар на влезот во друга зграда.
Полицијата соопшти дека бидејќи куќата била поврзана со добро позната јавна личност, истрагата ја презел одделот за борба против тероризмот на метрополитенската полиција. „Во тек е истрага за да се утврди што го предизвикало пожарот“, соопшти полицијата. „Сите три пожари во овој момент се третираат како сомнителни“.
Иако Кир Стармер живее на Даунинг стрит како британски премиер, тој сè уште ја одржува својата приватна адреса во северен Лондон. Влезот во куќата беше оштетен, но немаше повредени.
Еден од жителите на улицата рече дека слушнал силен тресок што звучел како „молотов коктел“.
Портпаролот на лондонската противпожарна бригада потврди дека биле повикани поради мал пожар пред куќа во Кентиш Таун во понеделникот наутро. На местото на настанот беа испратени две противпожарни возила од локалната станица.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Стармер им е благодарен на службите за итни случаи за нивниот брз одговор, но дека поради истрагата, која е сè уште активна, не може да даде дополнителни коментари.
Европа
Украина убедена дека го предвидела следниот потег на Путин: „Тоа ќе биде конечен доказ“

Неприсуството на рускиот претседател Владимир Путин на преговорите за завршување на војната во Украина во Истанбул би бил последен сигнал дека Кремљ не сака крај на конфликтот, изјави денес шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Шефот на канцеларијата на Володимир Зеленски на безбедносниот форум во данската престолнина изјави дека украинскиот претседател разговарал со својот турски колега Ердоган еден ден претходно, кој потврдил дека Турција е подготвена да биде домаќин на преговори за завршување на војната во Украина.
Киев досега не добил никаков одговор или потврда од Русија дека Путин ќе пристигне во Истанбул, но важно е да се потврди дека Зеленски е подготвен да пристигне во најголемиот град во Турција, рече Јермак за време на панел-дискусија со поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен.
Јермак, всушност, откри дека Украина очекува Путин да не се појави во Турција и дека ова ќе биде конечен доказ дека рускиот претседател не сака мир.
„Ако Путин одбие да дојде во Турција, тоа ќе биде последен сигнал дека не сака да ја заврши војната и дека Русија не е подготвена за преговори“, рече Украинецот.
Ако тоа се случи, „реакцијата на САД и на целиот свет мора да биде силна“, продолжи Јермак повикувајќи на нови санкции и воена помош за Украина.
Денес, во Киев, од кабинетот на Зеленски за „Ројтерс“ појаснија дека украинскиот претседател ќе се сретне само со рускиот претседател во Турција в четврток, а не и со другите членови на руската делегација.
Началникот на кабинетот на Зеленски, Јермак, изјави дека Украина се согласила на прекин на огнот пред два месеца за време на преговорите со посредство на САД во Џеда, Саудиска Арабија, но дека Русија е таа што го отфрла.
„Украина е подготвена за преговори – но, првин примирје, а потоа ќе разговараме“, заклучи Јермак во своето видеообраќање на Copenhagen Democracy Summit.