Свет
Европските министри за надворешни работи до Израел: Веднаш дозволете хуманитарна помош во Газа

Министрите за надворешни работи од повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, денес го повикаа Израел целосно да отвори хуманитарен пристап до Појасот Газа.
„Иако гледаме знаци на ограничен хуманитарен пристап, Израел го блокираше влегувањето на хуманитарната помош во Газа повеќе од два месеци. Храната, лековите и основните потреби се исцрпени. Населението се соочува со глад. Луѓето во Газа мора да ја добијат помошта што им е очајно потребна“, се вели во заедничкото соопштение.
Во соопштението, потпишано од министрите за надворешни работи на 22 земји, остро се критикува одлуката на Израел во понеделник да дозволи само пет камиони што превезуваат основни залихи во затворената крајбрежна енклава. Министрите упатија две јасни барања до Израел: „Веднаш да се дозволи целосен хуманитарен пристап до Газа и да се овозможи на ОН и хуманитарните организации да работат независно и непристрасно за да спасат животи, да го намалат човечкото страдање и да го зачуваат достоинството“.
Според израелски извори, ова е прв влез на помош во Газа по речиси тримесечна блокада. Сепак, само пет камиони влегоа во крајбрежната енклава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го потпиша својот „голем, прекрасен“ закон: „Никогаш не сум видел толку среќни луѓе“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера во Белата куќа потпиша голем пакет даночни олеснувања и намалувања на јавните трошоци, на церемонија на отворено по повод Денот на независноста што личеше на негов политички митинг.
Со воени авиони во воздух и стотици поддржувачи зад себе, Трамп го потпиша законот еден ден откако Претставничкиот дом, доминиран од републиканците, го одобри со тесно мнозинство. Законот, кој би ги финансирал и антиимиграциските мерки на Трамп и би ги направил трајни намалувањата на даноците од 2017 година, би можел да лиши милиони Американци од нивното здравствено осигурување.
Беше усвоен со 218 гласови „за“ и 214 „против“ по емотивна дебата во Претставничкиот дом. „Никогаш не сум видел толку среќни луѓе во нашата земја поради тоа“, рече Трамп.
„Законот се грижи за толку многу различни групи луѓе: војската, цивилите од сите видови, бизнисите од сите видови“, рече Трамп на церемонијата, заблагодарувајќи им се на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, и на лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, за протуркувањето на законот низ двата дома на Конгресот.
„Значи, имате најголемо намалување на даноците, најголемо намалување на трошоците, најголема инвестиција во безбедноста на границите во американската историја“, рече Трамп.
Трамп закажа церемонија на Јужниот тревник на Белата куќа за Денот на независноста на 4 јули и нареди прелетувања на бомбардери и борбени авиони како оние вклучени во неодамнешните американски напади врз нуклеарните постројки на Иран. Присуствуваа стотици поддржувачи на Трамп.
По говорот што вклучуваше фалбени тврдења за подемот на Америка под негово водство, Трамп го потпиша законот, позираше за фотографии со републиканските конгресни лидери и членови на неговиот кабинет и се проби низ толпа среќни поддржувачи.
Усвојувањето на законот е голема победа за Трамп и неговите републикански сојузници, кои тврдат дека тој ќе го поттикне економскиот раст и ги игнорираат непартиските анализи кои предвидуваат дека ќе додаде повеќе од 3 трилиони долари на националниот долг од 36,2 трилиони долари.
Иако некои пратеници од партијата на Трамп изразија загриженост за финансискиот товар на законот и неговото влијание врз програмите за здравствена заштита, на крајот само двајца од 220-те републиканци во Претставничкиот дом гласаа против него.
Свет
Трамп: Ќе преговарам со Кина за „Тик-ток“, Кси и јас имаме одличен однос

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе започне разговори со Кина за можен договор за „Тик-ток“ во понеделник или вторник. Тој рече дека Соединетите Држави речиси имаат постигнатовдоговор за продажба на апликацијата за кратки видеа.
„Мислам дека ќе почнеме во понеделник или вторник… разговори со Кина, можеби со претседателот Ксии или еден од неговите претставници, но речиси имаме договор“, изјави Трамп пред новинарите на авионот „Ер Форс Уан“.
Минатиот месец, Трамп го продолжи рокот до 17 септември за кинеската компанија „Бајт денс“ да се ослободи од активностите на „Тик-ток“ во САД.
Оваа пролет беше во подготовка договор за одвојување на американските операции на „Тик-ток“ во нова компанија со седиште во САД, во мнозинска сопственост и управувана од американски инвеститори, но беше ставен на чекање откако Кина посочи дека нема да го одобри по најавите на Трамп за високи царини за кинески стоки.
Трамп рече дека Соединетите Држави веројатно ќе треба да добијат одобрение од Кина за договорот. На прашањето колку е уверен дека Кина ќе се согласи со договорот, тој рече: „Не сум сигурен, но мислам дека ќе се согласат. Претседателот Кси и јас имаме одличен однос и мислам дека е добар за нив. Мислам дека договорот е добар за Кина и е добар за нас.“
Свет
(Видео) Украина и Русија разменија заробеници

Украина и Русија денес одржаа нова размена на воени затвореници според јунскиот договор, без да го откријат нивниот број.
Двете земји неколку пати разменија воени затвореници во последните недели, што е единствената област на соработка меѓу двете завојувани страни кои не постигнуваат напредок во мировните преговори, според медиумите.
„На 4 јули, нова група руски војници се врати од територијата контролирана од режимот во Киев“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Објави видео на кое се прикажани околу петнаесет војници опкружени со знамиња и извикуваат „Русија“ во автобус.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ја потврди размената, велејќи дека повеќето од затворениците биле во руско заробеништво од 2022 година, вклучувајќи и цивили.
„Размените мора да продолжат. Целта на Украина е да ги ослободи сите наши сонародници притворени во Русија“, напиша Зеленски на апликацијата Телеграм.
На 2 јуни, Киев и Москва се согласија да ги ослободат сите воени заробеници под 25 години и тешко ранетите, како и да ги вратат останките на паднатите борци, што беше единствениот позитивен исход од разговорите во Истанбул.
Двете страни неодамна престанаа да откриваат информации за ослободените затвореници.