Свет
Египет ги поправа патиштата преку кои треба да стигне хуманитарна помош во Газа
Механизација за поправка на патиштата е испратена преку граничниот премин Рафах од Египет до Појасот Газа како подготовка за испорака на дел од помошта складирана на египетскиот Синајски Полуостров, изјавија два безбедносни извора.
Рафах е единствениот премин што не е под израелска контрола, но е надвор од функција уште од првите денови на конфликтот во Газа по израелското бомбардирање на палестинската страна на границата.
Соединетите Американски Држави и Египет се залагаат за договор со Израел за испорака на помош во Газа, а Белата куќа во средата соопшти дека е договорено да поминат до 20 камиони, со надеж за повеќе камиони подоцна.
Повеќето од 2,3 милиона жители на Газа беа зависни од помош пред почетокот на сегашниот конфликт на 7 октомври, а околу 100 камиони дневно доставуваа хуманитарна помош во енклавата, според Обединетите нации.
Повеќе од 100 камиони чекаат во близина на преминот на египетската страна, иако не се очекува помошта да пристигне пред петок, изјавија египетски безбедносни извори. Дополнителна помош е задржана во египетскиот град Ал Ариш, на околу 45 километри од Рафах.
Западните влади преговараат за евакуација на странските сопственици на пасоши од Газа, што египетските власти го условуваа со добивање помош. Детали за потенцијална евакуација не се познати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.

