Свет
Египет нема да ги повлече плановите за купување руски авиони „Су-35“
Русија, наводно, почнала со производство на 24 борбени авиони „Сухој Су-35“ за египетските воздухопловни сили во согласност со договорот вреден 2 милијарди американски долари потпишан меѓу двете земји во 2018 година, пренесува „Спутник“.
Испораката на првата серија беше закажана за почетокот на годинава, но процесот беше одложен поради избувнување на пандемијата на коронавирус што доведе до затворање на неколку погони за производство во Русија. Сега, кога земјата постепено се отвора, извештаите посочуваат дека производството е продолжено, а се очекува Москва да ги испрати првите авиони уште во третиот или четвртиот квартал на 2020 година.
И додека Египет ја чека испораката, Вашингтон го следи договорот со загриженост. Поевтин, способен да носи повеќе ракети и да лета подалеку од некои борбени авиони на Америка, Су-35 е наменет да ја оспори супериорноста на САД на небото.
Претходно беше објавено дека американската администрација му се заканила со казни во Каиро ако се осмели да продолжи со набавка на руски суперсонични борбени авиони од Русија од генерацијата 4++, но Магет Ботрос, професор по политички науки и ректор на египетскиот универзитет „Хелван“, вели дека Египетската Република нема за што да се грижи.
„САД блефираат. Тие им се заканија и на други земји, вклучително и на Турција, која беше предупредувана да не ги купува руските ракетни системи С-400, но ништо не се случи. Египет е суверена држава и никој, ни Вашингтон, не може да ни диктира што да правиме.”
Но, не беше секогаш така. Во 1972 година непосредно откако дојде на власт во Египет, претседателот Анвар ал-Садат реши да ја смени политиката на својот претходник и се приклони кон Западот, испраќајќи ги дома советски трупи што со децении беа позиционирани во Египет. Оттогаш, мешањето на САД во Египет се зголеми исто како и помошта што ја обезбедува Вашингтон. Во 1975 година таа достигна повеќе од 370 милиони американски долари што беше нагло зголемување во однос на 1962 година, кога американската помош внесе 200 милиони долари во египетската економија.
Низ годините помошта продолжи да расте, особено откако Каиро потпиша мировен договор со Израел во 1979 година, по што Вашингтон почна да испраќа воена помош во Египет. Според проценките, од 1978 година до денес САД вложиле повеќе од 50 милијарди долари во египетската војска, предизвикувајќи зависност од нивните дарежливи парични донации.
Пресвртот дојде по соборувањето на претседател Мохамед Морси, Египет влета во хаос што го користеа терористите за да извршат напади врз цивили и припадници на безбедноста во земјата. Во обид да се справи со тој предизвик, египетската војска побара од САД да му ги обезбеди хеликоптерите „апачи“за пронаоѓање и елиминација на терористите во оддалечените и тешко достапни места во Синај, но беше игнориран.
„Тогаш Каиро го сфати вистинското значење на поговорката ‘пријател е оној што ти се наоѓа во неволја’ и кога Абдел Фатах ал-Сиси дојде на власт во 2014, им рече на Американците дека става крај на зависноста на Египет од Вашингтон “, рече Ботрос.
Од 2014 година, Ал-Сиси напорно работи на диверзифицирање на изворите на воената опрема за да ја избегне зависноста од еден узвор од минатото. Во 2014 година Каиро порача две подморници од Германија, а една година подоцна ги купи борбените авиони „Рафале“ од Франција. Договори вредни милијарди се потпишани и со други земји, вклучувајќи ги Кина и Русија.
Сепак, ова може да биде тешка задача да се постигне ако се земе предвид дека голем дел од опремата во Египет сè уште е со американско потекло и дека земјата е најголемиот примател на американска помош по Израел. Сепак, Ботрос верува дека овие и други предизвици нема да го нарушат духот на Египет ниту ќе ја променат одлуката на Каиро да продолжи со својата политика за диверзификација.
„Американската воена помош претставува мал процент од вкупниот буџет на нашата војска. Плус, Египет има голем број извори на приход така што и во најлош случај, сепак, ќе бидеме можност да се извлечеме “, рече тој, осврнувајќи се на 11 милијарди американски долари што Каиро ги вложи во својата војска во 2019 година.
Освен тоа, Суецкиот Канал ја збогатува египетската економија со просечно 5 милијарди американски долари годишно. Каиро инвестираше и во своите резерви гас со надеж дека ќе ја претвори земјата во енергетски центар од каде што гасот може да стигне до Европа и Азија, а со тоа вбризгува милијарди долари во буџетот на земјата.
Затоа, смета Ботрос, САД не треба да ди ја пробуваат среќата со Египет затоа што ако го сторат тоа, и Каиро ќе биде принуден да повлече некои потези.
„Покрај каналот Суец, на Каиро му тежи зборот и во државите од Заливот, еден од главните пазари на САД. Признати се и дипломатските напори на Египет за стабилизирање на регионот. Затоа предлагам САД да не вршат притисок врз нас“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Протести против Зимските олимписки игри во Милано: демонстрантите фрлаа димни бомби и шишиња кон полицијата
Илјадници луѓе се собраа во Милано на протест против Зимските олимписки игри само еден ден по церемонијата на отворање во северниот италијански град, објавуваат италијанските медиуми. Некои демонстранти фрлаа пиротехника и се судрија со полицијата.
Milano. Solo una parola. CRIMINALI. pic.twitter.com/8yRaYrCeS2
— Azzurra Barbuto (@AzzurraBarbuto) February 7, 2026
Група од околу 100 демонстранти, претежно радикални левичари, фрлаа петарди, димни бомби и шишиња кон полицијата откако се одвоија од главната толпа во Милано, градот домаќин на Олимписките игри. Полицијата во опрема за немири и со штитови одговори со водни топови во обид да ја растера групата, од која некои носеа качулки и шалови за да ги покријат лицата. Редот беше воспоставен по неколку минути. Неколку учесници во немирите беа уапсени.
Полицијата беше во состојба на висока готовност по насилните судири за време на протестите во Торино минатиот викенд, во кои беа повредени повеќе од 100 полицајци.
„Ројтерс“ објави дека повеќе од 5.000 луѓе излегле на улиците на Милано поради трошоците за домување и еколошките проблеми. Демонстрантите носеа транспаренти со кои осудуваа низа проблеми, од употребата на вештачки снег и сечење дрвја до кризата со домувањето во финансискиот и моден главен град на Италија.
„Игрите повеќе не се одржливи од еколошка или социјална гледна точка, нивното време истече“, изјави демонстрантката Франческа Мисана (29).
Критичарите на Зимските олимписки игри се жалат на влијанието на инфраструктурата врз кревката планинска средина, како и на широката употреба на вештачки снег што троши многу енергија и вода.
Други велат дека за многумина, Милано стана град во кој повеќе не можат да живеат поради зголемените трошоци за живот поради приливот на богати нови жители привлечени од даночната шема.
Свет
Зеленски: САД ги притискаат Русија и Украина да ја прекинат војната пред летото
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за тоа како да се стави крај на војната во Украина пред летото, изјави претседателот Володимир Зеленски. Неговата изјава ја пренесе „Ројтерс“.
Во изјава за новинарите објавена од неговиот кабинет денес откога Украина и Русија одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, Зеленски рече дека Вашингтон предложил разговори во Мајами за една недела и дека Киев се согласил со тоа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше Русија поради нападот врз украинските енергетски постројки извршен преку ноќ, велејќи во коментарите објавени на „X“ дека на Москва мора да ѝ се одземе можноста да го користи студеното зимско време како средство за влијание против Киев.
Фото:Депоситотос
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА

