Свет
Египет се подготвува за поворката на фараоните, мумиите ќе бидат пренесени во златни кочии
Мумифицираните остатоци од 22 древни египетски кралеви и кралици, со величенствена поворка на улиците на Каиро, в сабота ќе бидат пренесени до нивното ново почивалиште.
Остатоците од 18 крала и четири кралици, подредени по возраст, ќе бидат пренесени на засебни платформи украсени во древен египетски стил во поворката наречена „Златна парада на фараоните“.
Посмртните останки се преместуваат од Египетскиот музеј во центарот на Каиро, каде што беа со децении, во Националниот музеј на египетската цивилизација, отворен во 2017 година на југот од градот.
Таму ќе бидат изложени во малку помодерни витрини, вели Салима Икрам, професорка по египтологија на Американскиот универзитет во Каиро.
„Контролата на температурата и влажноста ќе биде подобра отколку во стариот музеј“, додава Икрам, која е експертка за мумификација.
Фараоните и кралиците ќе бидат пренесени во златни кочии, секој во своја. Секоја кочија ќе има амортизери за да биде што е можно побезбедна во текот на 40-минутното патување низ Каиро.
Секенерна Тао II, наречен Храбариот, кој владеел со јужен Египет околу 1.600 година пр. н.е., ќе биде во првата кочија, а на задната страна ќе биде Рамзес IX, кој владеел во 12 век пр. н.е.
Рамзес II и кралицата Хатшепсут исто така ќе бидат во поворката.
Поворката ќе почне во 18 часот по локално време в сабота и ќе има големо обезбедување. Ќе има музичка придружба, а ќе биде проидружена и со настапи на египетски уметници. Целиот настан ќе се пренесува во живо на државната телевизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

