Свет
Една четвртина од Германците сега имаат мигрантско потекло
Бројот на жители со мигрантско потекло во Германија достигна нов рекорд од 25,5 отсто од населението, а значителни 42 отсто од малите деца во Германија се со мигрантско потекло, пренесува „Кронен цајтунг“.
Новите податоци доаѓаат од извештајот на германската Федерална канцеларија за статистика објавен неделава, во кој се вели дека сега има 20,8 милиони германски жители што имаат барем еден родител роден во странство.
Од тие 20,8 милиони, нешто повеќе од половина, или 52 отсто, поседуваат германски пасош, а другите 48 отсто се државјани на странски земји. Нискиот наталитет, високата емиграција и масовната имиграција доведоа до драматично намалување на домородното население во Германија.
Во извештајот се наведува дека 13,5 милиони германски жители се мигранти и се посочува дека главната мотивација за преселба во земјата во 48 отсто од случаите е семејно обединување, познато и како верижна миграција.
Речиси 19 отсто велат дека се преселиле во Германија за вработување, а 15 отсто дошле во земјата како баратели на азил. Само пет отсто рекле дека се во Германија како дел од своето образование. Огромното мнозинство од мигрантите што дошле во Германија за да живеат со семејството, или 72 отсто, биле од друга европска земја, а околу половина од барателите на азил биле од регионот на Блискиот Исток.
Бројот на жители од мигрантско потекло бележи голем пораст од лани кога Заводот за статистика објави дека има 19,3 милиони жители со мигрантско потекло. Иако масовната миграција е главен фактор во брзите демографски промени во Германија, стотици илјади Германци исто така се селат во странство секоја година. Само во 2017 година речиси четвртина милион Германци се преселиле во странство.
Неколку германски градови забележаа големи демографски промени со тоа што Франкфурт во 2017 година стана првиот германски град во кој домородните Германци се малцинство, а по него следуваа и Офенбах, Хејлброн, Синделфинген и Форцхајм. Во Офенбах, само 37 отсто од населението се домородни Германци.
Неколку други големи германски градови покажуваат тренд домородното население да стане малцинство, како што е Нирнберг, во кој жителите со мигрантско потекло претставуваат 44,6 отсто од населението, Штутгарт, каде што процентот е 44,1 отсто и Минхен со 43,2 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.