Свет
Експерти: „Кризата чука на врата“, пожарите во Грција сурова реалност на климатските промени
Шумските пожари што веќе седум дена ја пустошат Евија, вториот по големина остров во Грција, евакуирајќи илјадници луѓе, се директен резултат на климатските промени, беше соопштено од страна на глобалниот конзорциум на експерти за време и климатски промени.
Од избувнувањето на пожарите минатиот вторник, грчката крајбрежна стража евакуираше повеќе од 2.000 луѓе од популарната туристичка дестинација, околу 60 километри североисточно од Атина, изјави портпаролот. Пожарникари од повеќе од 20 европски земји се во Евија за да помогнат во гаснењето на пожарот што уништи борова шума и неколку згради.
Но, некои веруваат дека помошта можеби е залудна.
„Веќе е предоцна, областа е уништена“, рече Јанис Конциас, градоначалник на северната општина Истија.
Светската метеоролошка организација соопшти дека пожарите, кои го покрија сонцето со чад среде топлотниот бран, нешто што не е забележано веќе три децении, се дел од синџирот на екстремни временски услови предизвикани од климатските промени како резултат на човечкото однесување.
Откако Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (ИПЦЦ) објави извештај, генералниот секретар на СМО, професорот Петери Талас, во изјавата предупреди дека климатските промени се предупредување и дека некои се неповратни.
„Суровата реалност на климатските промени се одвива во реално време пред нашите очи“, истакна Талас, кој не се сомнева дека екстремните временски температури и пожарите во Европа и низ целиот свет се поврзани.
„Ова е пример за тоа со што ќе се соочат идните генерации. Некои негативни промени се веќе заклучени во климатскиот систем, но други сè уште можат да се решат ако сега силно, брзо и одржливо ги намалиме емисиите на штетни гасови“, додаде тој.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини за грешките во сузбивањето на разорните пожари што ги зафатија деловите на Грција. Мицотакис вети дека грешките ќе бидат утврдени и исправени и повика на единство.
„Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои гледаа како им горат куќите или имотот“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

