Свет
Експлозии во Русија: Погодена челичарницата на еден од најбогатите Руси
Експлозии погодија руска фабрика за челик по наводен напад со дрон. Во последните месеци има зголемување на нападите со беспилотни летала врз енергетската и воената инфраструктура во Русија, за што Москва често ја обвинува Украина. Сепак, Киев обично не презема одговорност за овие напади.
Игор Артамонов, регионалниот гувернер на Липек, изјави дека пожарот во главната фабрика на Новолипецк Стил (НЛМК) утринава, на околу 450 километри од границата на Русија и Украина, бил предизвикан од дрон. Но, Артамонов не го спомна конкретно Киев и додаде дека нема жртви.
Фабриката е примарен производствен капацитет на НЛМК и е специјализиран за рамен челик. Таа произведува 18 отсто од вкупното руско производство на челик. НЛМК е клучниот имот на Владимир Лисин, руски милијардер, третиот најбогат Русин на листата на Форбс минатата година.
Повикувајќи се на неименувани извори, украинскиот медиум ТСН објави дека централата била цел на Украинската служба за безбедност и Главната управа за разузнавање и дека пожарот предизвикал евакуација на работниците. Оттаму додаваат дека поради големите оштетувања, таа фабрика која до неодамна произведуваше суровини за нуклеарно оружје и балистички ракети, ќе биде долго време надвор од функција.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека Русите собориле два дрона над регионот и пресретнале уште два во регионите Курск и Тула.
Ваквите напади се се почести во Русија. Претходно во февруари избувна пожар во фабриката Лукоил во Волгоград, Јужниот федерален округ на Русија. Неколку дена претходно, дрон предизвика експлозија во рафинеријата „Невски Мазут“ во Санкт Петербург.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Залужни првпат јавно за судирот со Зеленски
Валериј Залужни, поранешен командант на украинската војска и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, во интервју за „Асоушиејтед прес“ првпат јавно проговори за длабокиот раздор со претседателот Володимир Зеленски.
Тој тврди дека тензиите почнале кусо по руската инвазија и кулминирале во септември 2022 година, кога агенти на Тајната служба на Украина (СБУ) се појавиле во неговиот кабинет со намера да извршат претрес. Залужни вели дека тоа го доживеал како заплашување и дека му се заканил на тогашниот шеф на кабинетот Андриј Јермак дека ќе повика засилување за да го заштити командниот центар.
Залужни исто така ја критикува пропаднатата украинска контраофанзива од 2023 година. Првичниот план, објасни тој, бил да се концентрираат силите во „една тупаница“ со цел да се ослободи делумно окупираниот регион Запорожје, вклучувајќи ја и клучната нуклеарна централа, и да се продолжи напредувањето кон Азовското Море. Ова би го пресечело копнениот коридор што го користи руската армија за снабдување на Крим, кој беше анектиран во 2014 година. За успех, вели Залужни, била потребна голема концентрација на сили и тактичко изненадување.
Наместо тоа, тврди тој, силите биле дисперзирани на широка област, што ја разводнило нивната ударна моќ.
По неговата смена во февруари 2024 година, Зеленски го именуваше за амбасадор во Лондон. Аналитичарите тоа го толкуваа како обид да се намали неговото политичко влијание.
Анкета на „Ипсос“ покажува дека во хипотетичка претседателска трка Залужни би добил 23 отсто поддршка, а Зеленски 20 отсто.
Зеленски неодамна спроведе реконструкција на својот тим во обид да ја врати довербата. Во меѓувреме, САД го зголемуваат притисокот врз Киев и Москва за прекин на војната. Иако договорот е сè уште далеку, Зеленски во принцип се согласи со планот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидува одржување избори и воспоставување безбедносни гаранции по завршувањето на конфликтот.
Свет
Џонсон: Европа треба да испрати војници во Украина или да замолчи
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон остро ги критикуваше европските лидери за она што го нарече „празни ветувања“ за стратешка автономија од САД, предупредувајќи дека дебатата за европската независност од Вашингтон е „патетична и ирелевантна“ во моментов. Во авторски текст за „Волстрит џурнал“, Џонсон вели дека Европа не може да ја докаже својата вредност со декларации, туку со конкретни акции – пред сè, посилна и порешителна поддршка за Украина.
Според него, денес Европа се соочува со „златна можност“ да покаже вистинска стратешка тежина. Ако сака да ја преземе водечката улога од САД и да дејствува понезависно, војната во Украина е токму моментот за таква демонстрација на способности. Во спротивно, смета Џонсон, сите изјави за автономија остануваат само реторика.
Поранешниот британски премиер не штеди критики ниту кон Вашингтон. Иако истакнува дека трансатлантските врски се од клучно значење, тој наведува дека Американците „можат да бидат неподносливи“ и дека Белата куќа греши ако верува дека Москва навистина сака мир. Џонсон проценува дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп би можела да направи многу повеќе за да ја заврши војната, додавајќи дека Европа треба да се „моли“ за таков ангажман.
Во исто време, тој предупредува дека европските лидери мора да донесат одлука: или ќе бидат подготвени за „смели“ и „скапи“ чекори во корист на Киев, или треба да се откажат од празните повици за стратешка автономија и да ја продолжат политиката која, вели тој, функционира повеќе од еден век – потпирање на американската безбедносна гаранција.
Џонсон потсетува дека САД финансираат околу 70 проценти од вкупните расходи на пактот на НАТО, обезбедуваат речиси целиот потенцијал за нуклеарно одвраќање на алијансата, како и доминантен дел од нејзиниот транспортен капацитет за тежок товар. Поради оваа причина, тој верува дека е опасно да се „преправа“ дека постои вистинска европска алтернатива на НАТО.
„Или мора да покажат дека се посветени и подготвени за нешто големо, ризично и стратешки автономно – што очигледно немаат намера да го прават – или мора да молчат“, рече Џонсон.
Како конкретни мерки, тој предлага испраќање европски трупи во една од „безбедните зони“ во Украина, испорака на ракети за уништување на руските производствени капацитети за беспилотни летала, координирана акција против руската „флота во сенка“, како и префрлање на замрзнатите руски средства во Киев.
Според „Политико“, довербата меѓу Европа и САД е на работ на колапс. Во анализа за „Гардијан“, новинарот Пол Тејлор истакнува дека на Европа ѝ недостасува нова воена структура способна за брзи и ефикасни одлуки, бидејќи ниту НАТО ниту Европската Унија не можат да гарантираат навремен одговор на можна агресија. Како можно решение, како дел од поддршката за Украина се споменува „коалиција на добронамерните“.
Москва, од своја страна, веќе предупреди на последиците од евентуалното продлабочување на расколот меѓу Брисел и Вашингтон, што дополнително го комплицира геополитичкиот контекст во кој се води дебатата за стратешката иднина на Европа, анализираат медиумите.
Според написите, во такви околности, пораката на Џонсон делува како повик за јасна определба, или Европа да ја прифати реалноста на сопствените ограничувања и да продолжи да се потпира на американската моќ, или мора да биде подготвена да ја плати цената на реална, а не декларативна, автономија.
Свет
„Фајненшл тајмс“: Крај на една ера, Лагард се повлекува од функцијата
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, би можела да се повлече од таа позиција пред крајот на нејзиниот осумгодишен мандат во октомври, објави „Фајненшл тајмс“ (FT), наведувајќи дека нејзиното заминување би можело да се случи пред претседателските избори во Франција.
Британскиот весник, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со нејзините планови, наведува дека Лагард сака да ја напушти својата функција пред изборите во Франција, за да можат францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц да се договорат за нејзиниот наследник.
Не е прецизирано кога евентуално би можела да се пензионира.
Портпаролката на Европската централна банка објави дека „претседателката Лагард е целосно посветена на својата мисија“ и дека не донела никаква одлука во врска со завршувањето на нејзиниот мандат.
Според Блумберг, европските влади ја разгледуваат можноста за забрзан избор на наследник со цел да се избегне сценарио во кое евентуална крајно десничарска влада во Франција би одлучила за ова по изборите во 2027 година.
Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, и претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, се споменуваат како можни кандидати.
„Фајненшл тајмс“ исто така пишуваше во мај 2025 година за можноста за нејзино предвремено заминување, наведувајќи дека таа е во преговори за преземање на функцијата на чело на Светскиот економски форум, додека ЕЦБ потоа објави дека е решена да го заврши својот мандат.
Макрон, кој веќе отслужи два последователни мандати, не може повторно да се кандидира во 2027 година според сегашните правила.
Тврдењата на „Фајненшл тајмс“ дојдоа една недела откако гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилерој де Гало, објави дека ќе се повлече во јуни оваа година, пред крајот на неговиот мандат, што ќе му овозможи на Макрон да именува наследник пред претседателските избори.
Мандатот на Кристин Лагард на чело на ЕЦБ трае до 31 октомври 2027 година.
Пред да дојде на чело на таа институција, таа беше генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд од 2011 до 2019 година, а претходно ја извршуваше функцијата министер за финансии на Франција.

