Свет
Ердоган: Трамп вели дека ќе стави крај на војната, ние ќе направиме сè што е потребно

Турција има намера да ги задржи добрите односи што ги имаше за време на првиот мандат на Доналд Трамп и во неговиот втор мандат, изјави претседателот Реџеп Тајип Ердоган на прес-конференција во Анкара.
Ердоган рече дека се надева оти неговото „пријателство“ со Трамп ќе продолжи, зборувајќи со словачкиот премиер Роберт Фицо непосредно пред инаугурацијата на Трамп. Турскиот претседател понуди и поддршка за изнаоѓање мирно решение за војната во Украина.
„Бидејќи Трамп постојано повторува дека ќе стави крај на руско-украинската војна, ние како Турција ќе направиме се што е потребно во овој поглед. Мора да го решиме ова прашање што е можно поскоро“, рече Ердоган.
Тој изрази надеж дека вториот мандат на Трамп ќе донесе „добро за целото човештво“.
Турција, членка на НАТО, одржува односи и со Русија и со Украина и дејствуваше како посредник во минатото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ердоган ја обвинува опозицијата дека со протести ја уништува турската економија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини опозицијата за уништување на економијата, среде најголемите протести во земјата во повеќе од 10 години поради апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу.
Партијата на градоначалникот Имамоглу, кој беше најгласниот противник на Ердоган во последните 22 години, повика на бојкот на компаниите кои тврдат дека ја поддржуваат владата на Ердоган.
Турскиот претседател ја обвини опозицијата дека е „толку очајна што ќе ја фрлат земјата и нацијата во оган“.
Имамоглу беше уапсен пред една недела и е обвинет за корупција и поддршка на тероризам. Нему му е одреден притвор во неделата, а датумот на судење не е објавен. Многумина веруваат дека случајот против Имамоглу е политички мотивиран. Владата наведува дека судството е ослободено од политичко влијание.
Доказите против Имамоглу не се официјално објавени. Многу турски медиуми објавија дека обвинувањата главно се засновани на „тајни сведоци“. Вакви сведоштва се користеа и претходно во постапки против опозициски политичари.
Ова доведе до масовни, главно мирни демонстрации во Истанбул, Анкара, Измир и други градови. Претежно млади и студенти излегуваат на улица. Тие бараат итно ослободување на Имамоглу и враќање на демократијата.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја рече дека 1.418 лица биле приведени во текот на изминатата недела во врска со демонстрациите.
Во Турција нема да има нови избори до 2028 година, но можно е Ердоган да повика на предвремени избори за да побара уште еден мандат.
Свет
Руте го предупреди Путин: Ако Русија ја нападне Полска, одговорот на НАТО ќе биде поразителен

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Варшава предупреди дека секој што би замислил да ја нападне Полска треба двапати да размисли бидејќи НАТО ќе одговори со полна сила, а реакцијата ќе биде поразителна.
„Ако некој направи погрешна пресметка мислејќи дека може да ја нападне Полска без последици, нашиот сојуз ќе одговори. Реакцијата ќе биде поразителна. Тоа мора да му биде јасно на господинот Владимир Владимирович Путин или на секој што би сакал да нѐ нападне“, рече Руте на прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск.
„Сите треба да го следиме примерот на Полска и да ги зголемиме нашите трошоци и да преземеме чекори. САД истакнаа дека се решени да го задржат НАТО како силен сојуз, а за ова зборуваше и Доналд Трамп. Европа мора да ги зголеми своите трошоци“, рече Руте.
Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Полска мора да биде подготвена за разни сценарија, вклучувајќи ги и оние што не ѝ се допаѓаат.
„Полска и јас лично не мораме воопшто да се оправдуваме кога станува збор за помошта на Украина. На сите им е јасно дека преговорите се водат и нашето влијание врз нив е ограничено дотолку повеќе што Полска мора да биде подготвена за сценарија што нема да бидат сто проценти како што ги опишавме“, рече Туск.
Полскиот премиер истакна дека е исклучително важно Полска да знае дека сега кога геополитиката се менува пред нашите очи, остануваат во сила целосната НАТО-солидарност, вербата, сигурноста и гаранциите дека и понатаму важи членот 5 од договорот – еден за сите, сите за еден.
Свет
Поранешен шеф на КГБ: Русија и САД, конечно, имаат ист непријател

„Русија, Кина и САД се пред создавање нов геополитички поредок, кој доколку Европа не реагира навреме, може да го исфрли континентот од игра“, предупредува поранешниот висок функционер на руските тајни служби, Евгениј Савостјанов. Поранешниот шеф на московскиот разгранок на КГБ тврди дека Европа мора итно да се разбуди и да ги препознае амбициите на Владимир Путин, во спротивно може да падне во политичка и безбедносна ирелевантност.
Тој исто така предупредува дека сегашните разговори меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин може да резултираат со договори што целосно ќе ја заобиколат Европа и ќе ја остават без влијание врз клучните меѓународни прашања. „Европа мора да преземе одговорност за својата судбина – да ги зајакне одбранбените капацитети и да почне силни информативни кампањи, кои ќе ги доближат вистинските закани до граѓаните“, вели Савостјанов.
Говорејќи за италијанскиот „Кориере дела сера“, тој јасно ги предупреди европските лидери: „Денес сте под притисок од две сили – Русија и новата верзија на САД, кои длабоко ги презираат вашите фундаментални вредности“.
„Она што ги обединува е тоа што ве сметаат за заеднички непријател. На некој начин сте опкружени. Се плашам дека кај вас нема вистинска свест за опасноста на која сте изложени, пред сѐ, опасноста да станете ирелевантни, а со тоа и да ги изгубите сопствените демократски вредности.
Според него, нов глобален поредок е неизбежен, особено поради одлуката на САД да се повлечат од активна улога во меѓународните односи. „Европа мора да го врати статусот на глобален политички актер ако сака самостојно да ја гарантира сопствената безбедност“, рече тој.
За да може Европа да се спротивстави на овој тренд, Савостјанов смета дека мора силно да застане зад Украина и да почне паневропска кампања, која ќе им ја објасни на граѓаните новата глобална реалност.
Европските претставници веќе изразија загриженост дека континентот е на маргините додека САД и Русија одржуваат клучни разговори – вклучително и оние за прекин на огнот. Не гледајќи начин да се постигне мир без американска поддршка, Европејците се принудени да ја следат агендата на Трамп на секој чекор од патот.
Ова е причината зошто многу европски влади почнаа да ги зголемуваат своите буџети за одбрана во последните недели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека „Европа мора итно да се превооружи“.
Савостјанов тврди дека долгорочната амбиција на Путин е да ја врати Русија на глобално влијание, кое го немало од распадот на Советскиот Сојуз. „Путин сака да влезе во историјата како голем колекционер на руски земји, оној што го смени падот на империјата, кој почна во 1867 година со продажбата на Алјаска на САД.
Таа цел, тврди тој, вклучува територијални амбиции кон Одеса, Приднестровје и Кишињев, како и забрана за каква било европска мировна мисија на украинска територија. Според достапните информации, Русија ќе бара целосна контрола врз четирите украински региони, кои во моментот делумно ги окупира во преговорите за прекин на огнот.
Савостјанов посочува дека доколку Европа продолжи по својот сегашен политички пат, Кина ќе преземе доминантна улога во новиот светски поредок. „Во тој случај Русија ќе стане примерен заменик на Пекинг“, вели тој. „И Европа, свесно или не, ќе се помири со фактот дека е подредена на сојузот меѓу Кина, Русија и нивните сојузници.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи вчера ја отфрли можноста за учество во европската мировна мисија за Украина. Кина сè уште тврди дека останува неутрална во однос на руската инвазија иако одржува блиски политички, економски и воени односи со Москва.