Свет
Ердоган: Турција се надева на брз мир во Украина
Како ќе заврши војната во Украина: Ердоган за конфликтот што трае веќе пет месеци.
Турција се надева на брз мир во Украина, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Оваа војна трае веќе пет месеци. За жал, по првата средба на делегациите на Русија и Украина во Истанбул, не успеавме да ставиме крај. Но, се надеваме на мирно решение, нема да има губитници“, рече Ердоган за време на говорот на церемонијата на потпишување на договорот за извоз на жито во Истанбул.
Според него, конфликтот во Украина ќе заврши на преговарачка маса.
Ердоган додаде дека безбедниот коридор во Црното Море за решавање на кризата со храна ќе почне да функционира во наредните денови.
„Со отворањето на безбедниот коридор во наредните денови ќе се направи голем чекор кон решавање на ова прашање“, рече турскиот лидер.
Тој додаде дека процесот на транспорт на храна, кој набргу ќе почне преку Црното Море, ќе биде здив на свеж воздух за многу земји во светот.
Како што прецизира, постигнат е договор за функционирање на житниот коридор по целата должина од поаѓањето на бродовите од Црното Море до нивното безбедно пристигнување на одредиштето.
Турскиот претседател средбата во Истанбул ја нарече историска и рече дека договорот меѓу Анкара, Москва, Киев и ОН ќе го спречи ризикот од глад во светот.
„Оваа средба е важна и историска. Тоа го спречува ризикот од глад и криза со храна во светот“, рече Ердоган говорејќи на церемонијата на потпишување на договорот.
Тој додаде дека тоа било долго и тешко патување и им се заблагодари на сите за помошта во оваа работа.
Ердоган им се заблагодари и на претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володомир Зеленски, за лидерските квалитети што ги покажаа во преговарачкиот процес.
„Горди сме што одигравме важна улога во иницијативата што ќе игра важна улога во решавањето на глобалната криза со храна што одамна го зафати целиот свет“, заклучи Ердоган.
Денес, во Истанбул беше потпишан мултилатерален договор за укинување на ограничувањата за испорака на руски производи за извоз и за помош на Русија за извоз на украинско жито.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Припадничка на косовската полиција пронајдена мртва во куќа во Гњилане
Припадничка на полицијата на Косова, чиј идентитет не е соопштен е пронајдена мртва во нејзината куќа во Гњилане.
Полицијата соопшти дека починатата имала 46 години и дека нејзиното безживотно тело го пронашла полициска патрола околу 11.45 часот.
Исмет Хасани, портпарол на косовската полиција за регионот Гњилане рече дека полицијата веднаш по пријавата излегла на местото на настанот каде го пронашла безживотното тело на нивната колешка.
Повеќе детали ќе бидат соопштени подоцна по завршување на истрагата која е во тек.
Свет
Блинкен: Русија мора да плати за тоа што Путин го уништи во Украина
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави денеска за време на неговата посета на Киев дека рускиот претседател Владимир Путин ја уништи Украина и затоа Русија треба и мора да плати за обновата.
Според него, САД имаат намера да ја искористат својата моќ и да ги користат руските средства (за обнова на Украина), пренесува Ројтерс.
„Ние работиме со нашите партнери од Г7 за да ги искористиме замрзнатите руски државни средства за да ја вратиме штетата направена од Путин“, рече Блинкен за време на посетата на Киев.
Свет
Голема акција во Италија: 142 лица се приведени за шверц на дрога, меѓу кои и цариници и полицајци
Италијанските власти соопштија дека денеска во операција против калабриската мафија Ндрангета („Свети луѓе“) привеле 142 лица активни во трговијата со дрога од клановите на градот Козенца, на југот.
Полицијата вели дека овие луѓе се осомничени за врски со „Ндрангета, трговија со дрога, мафијашко здружение и други злосторства.
Приведен е и службеник на италијанската царина и финансиска полиција.
Обвинителот на блискиот град Катанзаро, Винченцо Капомола, изјави за новинарите дека мафијашките групи ги „гушат“ трговците и претприемачите изнудувајќи од нив пари, а дека користат дури и малолетници за нивната главна дејност – трговија со дрога.