Свет
Ердоган: Турција сигурно ги купува руските С-400 и размислува за купување С-500 во иднина
Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, во средата рече дека неговата земја е подготвена да го разгледа прашањето за купување на ракетни системи С-500 од Русија во иднина.
Во интервју за „24 ТВ“ турскиот лидер, исто така, рече дека договорот со Москва за купување на ракетните системи С-400 е завршена работа.
„Прашањето на С-400 е завршена работа со постигнат договор, а ние нема да го отфрлиме под никакви околности. Се договоривме со Русија, а можеби и ќе имаме заедничко производство. Можеби ќе ги разгледаме опциите за С-500 подоцна во иднина“, рече тој.
Ердоган во јули минатата година рече дека му предложил заедничко производство на С-500 на рускиот претседател Владимир Путин, но не кажа кој бил одговорот на рускиот претседател.
Системот С-500 беше дизајниран да го замени С-400. Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, претходно изјави дека руските вооружени сили ќе почнат да добиваат системи С-500 во 2020 година.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Роберт Паладино, претходно неделава изјави дека Вашингтон јасно ја предупредил Турција оти нејзиното потенцијално купување С-400 ќе резултира со повторна проценка на учеството на Турција во програмата Ф-35 и дека Анкара ризикува други потенцијални идни трансфери на оружје во Турција.
Тој, исто така, рече дека договорот за С-400 може да резултира со санкции од САД во рамките на Законот за справување со противниците на Америка преку санкции (CAATSA).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

