Свет
Етиопија го уапси поранешниот заменик-шеф на агенцијата за разузнавање
Поранешниот заменик-шеф за разузнавање на Етиопија беше уапсен во склоп на истрагата по наводите за корупција и злоупотреби на човековите права од страна на претходната влада.
Поранешниот заменик-шеф на националната агенција за безбедност, Јаред Зерихун, е последното големо име од уапсените.
Тој сè уште не дал коментар за обвинувањата.
Од понеделникот повеќе од 60 официјални лица од разузнавачките служби и индустрискиот конгломерат управуван од армијата беа уапсени.
Овој чекор беше поздравен од страна на сите групи за човекови права.
Многу години луѓето во Етиопија живееја под опресивен авторитарен систем, каде што секоја критика упатена кон владата или војската не беше толерирана.
Но, со стапувањето на функцијата на новиот премиер Абиј Ахмед во април, тој вети дека ќе ги искорени корупцијата и злоупотребите на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд
Научниците на НАСА забележале „одамна изгубен град“ под слој мраз од 30 метри. Кампот Century, отворен во 1959 година во северозападниот дел на Гренланд, беше никогаш незавршена тајна локација за лансирање на балистички ракети наменети да стигнат до Советскиот Сојуз.
Мразот почна да прави проблеми, па Американците се откажаа од проектот. Кампот беше напуштен пред 58 години и падна во заборав. Тоа беше се додека научникот на НАСА, Чад Грин, со помош на Алекс Гарднер, не прелета над Гренланд во април оваа година за да ги мапира ледените плочи и да го процени идниот пораст на нивото на морето. Случајно забележале камп на радарот, иако на почетокот не знаеле што е тоа.
Иако присуството на базата е познато со години, НАСА соопшти дека новото мапирање ги прикажува структурите „на начин на кој не биле видени досега“. Официјално, кампот Century беше создаден за да ги тестира градежните техники под мразот, но вистинскиот план беше строго таен – да се создаде скриена локација за лансирање во случај на конфликт со Советскиот Сојуз.
Беше напуштен во 1966 година, но она што САД го оставија зад себе – околу 200.000 литри дизел гориво и отпадни води – предизвика спор околу неговото чистење. Гренланд претходно ја повика Данска да преземе одговорност, тврдејќи дека Данците го потпишале оригиналниот договор.
При крајот на неговиот прв мандат, новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави дека е заинтересиран да го купи Гренланд од Данска, опишувајќи го како „во суштина голема зделка за недвижнини“. Како што се топи ледената покривка на Гренланд, може да се најдат злато, рубини, дијаманти, бакар, мермер и нафта.
Топењето значи дека досега недостапните извори на енергија и минерали сега се подостапни, но зголемувањето на нивото на морето претставува зголемен ризик за крајбрежните заедници ширум светот.
Европа
Шефот на германското разузнавање: НАТО може да го активира членот 5 поради руските саботажи
Руската саботажа на западни цели на крајот може да го поттикне НАТО да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од членот 5 на Алијансата, изјави шефот на германската служба за надворешно разузнавање (БНД).
Говорејќи на настанот на тинк-тенк ДГАП во Берлин, директорот на БНД, Бруно Кал, рече дека очекува Москва дополнително да ја зајакне својата хибридна војна. „Широката употреба на хибридни мерки од страна на Русија го зголемува ризикот НАТО на крајот да размисли да се повика на клаузулата за заемна одбрана од член 5“, посочи тој.
„Истовремено, зголемувањето на рускиот воен потенцијал значи дека директен воен конфликт со НАТО станува една од можните опции за Кремљ“, оценува тој. Според член 5, доколку е нападната членка на НАТО, другите членки на алијансата се должни да и помогнат да одговори.
НАТО и западните разузнавачки служби предупредија дека Русија стои зад зголемениот број непријателски активности низ евроатлантскиот регион, од повторени сајбер напади до подметнување пожар, што Русија го негира.
Ако Русија нападне еден или неколку сојузници на НАТО, тоа не би го сторила за да заземе огромни делови од земјата, убеден е Кал, туку за да ги тестира црвените линии поставени од Западот со цел да го порази западното единство и НАТО како одбранбен сојуз.
„Сè уште немаме индикации дека Русија има намера да војува, но ако таквите чувства надвладеат во владата во Москва, тогаш ризикот од воен конфликт ќе се зголеми во наредните години“, рече тој.
Според неговите експерти, високи функционери во руското Министерство за одбрана се сомневаат дека членот 5 на НАТО, вклучително и американските заштитни мерки за Европа, навистина ќе се применуваат во итен случај, заклучува шефот на разузнавањето.
Свет
Маск го критикуваше начинот на кој функционира Европската унија
Илон Маск ја критикуваше Европската комисија, нарекувајќи го телото „недемократско“, што е последна во серијата негови јавни критики на институциите и креирањето политики на Европската унија.
„Парламентот на ЕУ треба директно да гласа за работите и да не ги предава овластувањата на Европската комисија“, напиша Маск на социјалните мрежи откако европратениците и дадоа зелено светло на новата Комисија.
Гласаа 688 пратеници, од кои 370 гласаа за потврдување на Комисијата, 282 беа против, а 36 беа воздржани. Новата Комисија ја сочинуваат претседателката Урсула фон дер Лајен и 26 комесари. Комесарите, по еден од секоја земја-членка, беа назначени од националните влади, а потоа им беа доделени ресори од фон дер Лајен.
Маск во повеќе наврати ги коментираше политичките процеси во други земји или организации. Во октомври, тој се скара со потпретседателката на Европската комисија во заминување, Вера Јурова, нарекувајќи ја „олицетворение на банално, бирократско зло“, откако таа го нарече „промотор на злото“.
Политичкиот ангажман на Маск доживеа експоненцијален скок ова лето кога тој ја поддржа кандидатурата на Трамп за претседател на САД и инвестираше милиони долари во финансирање на кампањата на Трамп, пишува Политико. Тој стана близок советник на новоизбраниот претседател, дури се приклучи на разговорот на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски и, наводно, се сретнал со претставникот на Иран во Обединетите нации.