Свет
ЕУ воведе нови санкции за Иран
Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок конфликт на Блискиот Исток откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили.
Самитот во Брисел е првиот состанок на 27-те лидери на ЕУ по нападот во саботата, кој се случи повеќе од шест месеци по избувнувањето на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, поддржана од Иран.
Израел посочи дека ќе возврати, но не кажа како. Европските лидери го осудија иранскиот напад, ја потврдија својата посветеност на безбедноста на Израел и ги повикаа сите страни да спречат понатамошна ескалација на тензиите.
„Сметаме дека е многу важно да се направи се за да се изолира Иран“, рече лидерот на самитот и претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи дека новите санкции против Иран ќе се однесуваат на компаниите кои се занимаваат со производство на дронови и ракети.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е важно Израел „да не одговори со огромен напад“. Исто така, во пресрет на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на Г7, Италија изрази позитивно мислење за санкциите против производителите на оружје поврзани со нападот врз Израел, како и одговорните за нападите врз бродовите во Црвено море.
Иран го почна својот напад како одговор на нападот на 1 април врз неговата амбасада во Дамаск, Сирија, за кој го обвини Израел. Тел Авив ја започна својата поширока воена офанзива во Газа по смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Европската унија веќе воведе повеќекратни санкции против Иран поради кршење на човековите права, ширење на оружје за масовно уништување и поддршка на Техеран за руската војна во Украина.
Германија, Франција и неколку други членки на ЕУ го разгледуваат планот за продолжување на постојните санкции, чија цел е да се намали бројот на беспилотни летала што Иран ги испорачува на Русија, со вклучување на проектили, како и испорака на оружје за проиранските групи на Блискиот Исток.
Аналитичарите велат дека Иран најверојатно нема да се соочи со посериозни економски санкции поради загриженоста дека цената на нафтата може да се зголеми и да ја налути Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

