Свет
ЕУ воведе санкции против блиски соработници на Путин поради Навални

Европската Унија донесе одлука за забрана за влез и замрзнување на имотот на четворица руски официјални лица одговорни за случајот со Алексеј Навални.
Санкционираните лица се блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин. Тоа се Александар Бастрикин, Игор Краснов, Виктор Золотов и Александар Калашников.
Краснов е главен обвинител на Русија, Золотов е шеф на руската национална гарда, Калашников е шеф на рускиот затворски систем, а Бастрикин е началник на Кривичниот комитет за истраги.
Оваа одлука претставува спроведување на договорот на министрите за надворешни работи на земјите членки од 22 февруари.
Тогаш беше постигнат политички договор за воведување санкции за одговорните за затворањето и осудувањето на рускиот опозициски активист Алексеј Навални.
Навални беше уапсен и осуден во јануари, откако се врати во Русија од Германија, каде што се лекуваше од труење со „новичок“, што предизвика протести низ цела Русија, а властите одговорија со апсење на демонстрантите.
Ова е првпат ЕУ да ја спроведе новата рамка за санкции против прекршителите на човековите права, која беше воспоставена во декември минатата година, според американскиот закон Магники.
Оваа рамка овозможува да се санкционираат физички и правни лица за кршење на човековите права насекаде во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Мерц: Победивме

Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ е победник на предвремените парламентарни избори во Германија, а десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) е втора политичка сила, според првите излезни анкети.
Фридрих Мерц, лидерот на Демохристијаните (ЦДУ), им се обрати на поддржувачите во Берлин по објавувањето на излезните анкети.
„Победивме на овие избори“, изјави тој со громогласен аплауз.
Неговата партија, заедно со нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), освои вкупно 29 отсто од гласовите, според непотврдените излезни анкети.
„Она што сакам да им го кажам на нашите гласачи е ви благодарам што ја дадовте довербата во нас, во мене лично и во нашата партија, бидејќи знам што значи тоа во однос на одговорноста“, продолжи тој.
„И јас сум свесен за обемот на работата пред нас. Ја преземам таа одговорност со најголема почит“.
Тој нагласи дека е неопходно брзо да се формира коалиција.
„Надворешниот свет нема да не чека“, рече тој.
„Сега ќе разговараме меѓусебно и мора да формираме одржлива влада во Германија што е можно поскоро – влада која може да дејствува врз основа на мнозинство“.
Европа
(Видео) Авион на Американ Ерлајнс принудно слета во Рим поради закана за бомба: го придружуваа два воени авиони

Авион на Американ Ерлајнс на летот од Њујорк до Делхи принудно слета на аеродромот Фиумичино во Рим поради закана за бомба.
Во авионот има 285 патници.
Footage of AAL292 that's being escorted by fighter jets. https://t.co/WO7gaN0Z14 pic.twitter.com/Hu8odFcQZj
— 南洋辉叔 Uncle Hui (@alexcmhwee) February 23, 2025
На видео кое кружи на интернет се гледа како авионот лета придружуван од два борбени авиони.
Ова е стандардна процедура која се прави од безбедносни причини во вакви ситуации.
Сите служби на аеродромот во Рим се во состојба на готовност.
Европа
Објавени излезните анкети во Германија: ЦДУ има 29 отсто, АфД 19,5

Според првите излезни анкети, партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ освоиле 29 отсто од гласовите, а потоа АфД со 19,5 отсто од гласовите. СПД е на трето место со 16, а Зелените на четврто со 13,5 отсто.
Како што претходно објави Дојче Веле, 52 отсто од вкупно 59,2 милиони гласачи гласале на избирачките места до 14 часот. Ова не ги вклучува оние кои претходно гласале по пошта. Ова е значително повеќе отколку во септември 2021 година, кога до 14 часот гласале 36,5 отсто од гласачите. Одѕивот е поголем отколку на изборите пред пандемијата во 2017 година, кога гласале 41 отсто од гласачите.
„Ова покажува дека има голем интерес за изборите“, изјави Федералната изборна комесарка Рут Бренд.