Свет
ЕУ ја повикува Кина да помогне во завршувањето на војната во Украинa
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека Европската Унија очекува поактивна улога од Кина во решавањето на конфликтот меѓу Русија и Украина. Тој го изјави ова по средбата со премиерот на Државниот совет на Кина, Ли Џијанг, според западните медиуми.
„Јасно ставив до знаење дека ЕУ очекува Кина да помогне во завршувањето на оваа војна“, рече Кошта нагласувајќи дека Пекинг, како еден од клучните глобални актери, може значително да влијае на стабилизацијата на ситуацијата во Украина.
Според него, разговорот со кинескиот премиер го опфатил развојот на билатералните односи, како и потребата од враќање на рамнотежата во трговските и во економските односи меѓу ЕУ и Кина. Кошта додаде дека биле разгледани и можностите за заедничко дејствување во решавањето на глобалните предизвици.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека Кина не е заинтересирана да му помогне на Киев и дека Пекинг не сака Москва да изгуби. Тој оцени дека Кина, и покрај својата официјална неутралност, ја поддржува Русија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, реагира на овие обвинувања велејќи дека Пекинг е цврсто посветен на дијалогот и мирот. Тој посочи дека Кина го темели својот став за украинскиот конфликт на објективен и фер пристап и дека ќе продолжи да вложува напори за прекин на огнот и за преговори.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“
Свет
Зеленски ќе ја посети Канада на пат кон Флорида
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на пат кон Флорида, каде што ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, ќе ја посети и Канада, каде што ќе разговара со премиерот на земјата, Марк Карни.
Како што објави Укринформ, Зеленски им изјавил на новинарите дека за време на неговиот престој во Канада е планирана и онлајн комуникација со европските лидери.
Според него, разговорите ќе ги опфатат сите релевантни прашања, вклучително и деталите за документите што ќе ги разговара со американскиот претседател. Зеленски рече дека ќе се разговара и за „чувствителни прашања“.
Укринформ претходно објави дека Зеленски разговарал со германскиот канцелар Фридрих Мерц за подготовките за претстојната средба со Трамп. Тој исто така рече дека мисли дека неговиот состанок со Трамп ќе биде пред камери и медиуми.
„Мислам дека нашиот состанок ќе биде пред камери и медиуми. Не знам дали на почетокот или на крајот, но тоа ќе биде јавен состанок“, рече украинскиот претседател.

