Свет
Жена се породила во авион и го оставила бебето во тоалетот
Персоналот на аеродромот во Маурициус пронашол новороденче оставено во канта за ѓубре во тоалетот на авионот.
Британски Би-би-си наведува дека е уапсена 20-годишна жена од Мадагаскар, која е осомничена дека се породила во текот на летот.
Авионот на компанијата „Ер Маурициус“ слетал на аеродромот „Сер Сивусагур Рамгулам“ на 1 јануари, а детето било пронајдено при рутинска царинска проверка.
Полицајците забележале раскрвавена тоалетна хартија и пронашле дете кое веднаш било префрлено во болница. Детето и уапсената се чувствуваат добро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск повика на вооружување на Европа: „Времето на удобност заврши“
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека „времето на удобност е завршено“ за Европската унија и повика на значително повисоки распределби за одбрана, дерегулација и обезбедување на границите од илегалната миграција.
„Времето на удобност заврши, сите го знаеме тоа. Ако денес претседателот на САД зборува за потребата Европа, американските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, да го третираме како позитивен предизвик“, рече полскиот премиер, претставувајќи ги приоритетите на претседавањето на неговата земја со Европскиот парламент Европската унија.
Шестмесечното претседавање со неговата земја започна на 1 јануари годинава, по претседавањето со Унгарија, а акцентот беше ставен на прашањето за безбедноста. „Европа не е изгубена додека живееме“, ги парафразира Туск првите зборови од полската химна, во говорот пред европратениците на пленарната седница во Стразбур.
„Европската унија мора да верува во сопствената сила“, рече полскиот премиер. Туск смета дека ЕУ може да застане на страната на најголемите светски сили, потсетувајќи дека има 450 милиони жители и ист удел во светскиот БДП како и САД.
„Мораме повторно да веруваме во нашата сила. Ние сме силни и еднакви со големите светски сили, единственото нешто што треба да направиме е да веруваме во тоа“, додаде тој.
Во своето обраќање пред европратениците, Туск повика на распределба на пет проценти од БДП за одбрана, дерегулација со цел да се зајакне конкурентноста, вклучително и со напуштање на делови од Зелениот план и обезбедување на границите против илегалната миграција.
Премиерот на Полска, земјата која троши најмногу за одбрана меѓу своите членки, околу пет отсто, ги повика и другите земји од ЕУ да го сторат истото. „Европа мора да биде вооружена ако сака да опстане“, предупреди тој и рече дека Полска можеби тоа најдобро го разбира како една од најголемите жртви на европските војни.
„Мораме радикално да ги зголемиме трошоците за одбрана, но не засекогаш“, продолжи тој. Полскиот премиер смета дека Европа е во „криза на негативни емоции“ и „духовен пад“, но дека „не треба да има страв бидејќи нема причина за тоа“.
Туск рече дека победата на Доналд Трамп е „скок во непознатото“, но и дека Европа никогаш не се плашела од тоа.
Предупреди на опасностите од илегалната миграција и повика на обезбедување на европските граници за да опстанат „демократијата и европските вредности“ бидејќи демократијата не смее да се поврзува „со беспомошност“.
„Може да се справите со илегалната миграција без националистички и ксенофобични слогани“, рече поранешниот претседател на Европскиот совет. Тој нагласи дека ЕУ мора да биде способна да се заштити од „руските фабрики за дезинформации на лаги“, но во исто време „да не падне во замката на цензурата“.
Во однос на економијата, Туск сака „голема кампања за дерегулација“, од која ќе зависи европската конкурентност. Тој смета дека дел од европските регулативи, освен руската инвазија на Украина, се причина за високите цени на енергетските производи. „Никој не вели дека не треба да ја штитиме животната средина и климата, но не можеме да си дозволиме да не бидеме конкурентни“, изјави тој.
Туск сака ревизија на Зелениот план и храброст за промени во неговите регулативи бидејќи политичката цена на претерано високите цени на енергијата е преголема.
Свет
11 лица приведени поради пожарот во хотелот во Турција
Во истрагата за пожарот во хотелот во ски-центарот Карталкаја на северот на Турција, во кој загинаа 76 лица, а 52 беа повредени, приведени се уште две лица – заменик-градоначалникот на блискиот град Болу, Седат Ѓулер и заменик-началникот на противпожарната служба Кенан Џошкун.
Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека истрагата што ја покрена главното јавно обвинителство во Болу се води со голема чувствителност, таа е повеќеслојна и педантна, пренесе „Хуриет“.
„Во рамки на истрагата досега се приведени вкупно 11 лица, меѓу кои заменик-началникот на противпожарната служба на општина Болу, шефот на противпожарната служба на општина Болу, сопственикот на компанијата, генералниот директорот на компанијата и директорот на хотелот Истрагата ја спроведува комисија составена од седум лица кои се експерти во својата област“, рече Тунч.
Покрената е судска и административна истрага откако рано во вторникот пожарот го зафати хотелот „Гранд Картал“ во Бол Карталкаја, при што загинаа 76 лица, а повеќе од 50 беа повредени.
На местото на настанот беа испратени бројни екипи за одговор при итни случаи од соседните градови, вклучително и пожарникари, единици за одговор при катастрофи и медицински тимови поддржани од хеликоптери. Околу 230 луѓе се евакуирани од хотелот кој во моментот на несреќата бил полн бидејќи бил екот на зимската сезона. Противпожарните екипи пожарот го ставија под контрола дури по десет часа гаснење.
Како што пишуваат турските медиуми, во 12-катниот хотел, изграден претежно од дрво, пожарникарите биле лоцирани во внатрешноста на зградата, немало доволно противпожарни апарати, а не се огласил ниту алармот за пожар.
Хотелот бил полн бидејќи зимската сезона и училишниот распуст се во полн ек.
Карталкаја, во провинцијата Болу, е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција и привлекува илјадници гости за време на скијачката сезона, пренесува Танјуг.
Свет
Фицо: Група странски експерти работи на соборување на владата во Словачка
Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека група странски „експерти“, кои учествувале во немирите во Грузија и на Мајдан, работат во Словачка со цел да ја соборат актуелната влада.
Тој ова го изјави на прес-конференција по повод протестот на опозицијата во таа земја против актуелната власт и додаде дека групата е под надзор, рече, и дека е финансирана од Соединетите Американски Држави, пренесува словачкиот портал „Правда“.
„Словачката опозиција се подготвува за Мајдан и окупација на владини згради“, рече Фицо, додавајќи дека за четврток свикал седница на Советот за национална безбедност.
Претходно, Фицо се сретна со претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и со шефот на Словачката информативна служба (СИС) Павло Гашпар и со претставници на други државни сили во врска со извештајот на СИС во кој беше наведено дека службата има информации за организирано странско влијание за дестабилизација во Словачка.
„Во нормална демократска држава под владеење на правото, безбедносните сили ќе интервенираат бидејќи тоа е кршење на законот, дури во некои случаи и прекршување на кривичното право“, рече тој во врска со протестот на опозицијата и додаде дека „сите телевизии на светот“ ќе се соберат и ќе направат слика за тоа како интервенира полицијата, како и за тоа дека ќе има масовни протести и преземање на власта во земјата.
Фицо посочи дека ги почитува правата на граѓаните кои можат да се соберат, но дека државата не може да толерира кршење на законите.
Според него, на седницата на Советот за национална безбедност ќе се разговара за превентивни мерки за да се спречи ескалација.
Опозицијата извештајот на СИС го нарече апсурден, а наводите од извештајот ги демантираат организаторите на протестот, јавува Танјуг.