Свет
Жените на Блискиот Исток и Северна Африка управуваат со помалку од 5 отсто од компаниите
Помалку од 5 проценти од компаниите на Блискиот Исток и Северна Африка имаат жени на извршни позиции, така што Унијата за Медитеранот и Асоцијацијата на арапски банки организираа конференција со цел зајакнување на улогата на жените во светот на бизнисот.
Конференцијата се одржа вчера во главниот град на Египет, Каиро, пред Меѓународниот ден на жената. Се состоеше од шест панел дискусии и награди за иновативни „старт-ап“ компании водени од жени.
„Нашиот собир во Каиро не е прослава, туку повик за акција“, рече Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот, организација од 43 нации.
Камел, египетски дипломат, рече дека во регионот на Блискиот Исток и Африка (МЕНА) има забележлива разлика во положбата на мажите и жените, особено во финансискиот сектор. „Помалку од 5 отсто од деловните субјекти се раководени од жени, што е значително под светскиот просек од 23 до 26 отсто“, рече тој.
„Затоа, постои итна потреба да се вклучат жените на пазарот на трудот, а тоа е токму во срцето на нашата мисија“, додаде Камел. Освен Унијата за Медитеранот, чие седиште е во Барселона, на чело има маж и Унијата на арапски банки. Нејзиниот генерален секретар, Фатух Висам, рече дека тие работат „посветено на намалување на родовиот јаз во финансискиот сектор“ на Блискиот Исток и Северна Африка.
„Сакаме да ја зајакнеме средината за жените и да го отвориме патот за успешен развој на бизнисот“, рече Висам.
Мона Фатух од Conyworld (Египет) ја освои првата награда од 1000 долари за иновативни стартапи на натпреварот организиран од MENA Women Business Club, иницијатива покрената од Унијата за Медитеранот и Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO) 2021 година.
Оваа иницијатива го олеснува пристапот до широка мрежа на претприемачи, адвокати, консултанти, директори и инвеститори.
Гвадалуна Чаер од LUXEED Robotics (Либан) освои 750 долари на второто место, додека Фела Бути од Екоташира (Алжир) освои 500 долари.
Сите три жени ќе имаат можност да учествуваат и во иновативната бизнис програма „Plug and Play“ во Египет или Мароко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Двајца скијачи загинаа во лавина во САД, третиот успеал да се ископа од снегот
Откако вчера започна лавина во планините покрај Солт Лејк Сити, Јута, двајца скијачи загинаа, додека властите успеаја да спасат трет со хеликоптер.
Несреќата се случила во близина на Лон Пик, каде неодамна паднаа над 76 сантиметри снег. Центарот за лавина во Јута (UAC) ја потврди смртта на двајца мажи. Спасувачите досега не можеа да стигнат до нивните тела поради небезбедни услови. Центарот наведува дека фаталните лавини се ретки во овој период од годината.
Спасувачите со хеликоптер стигнале на местото на несреќата во кањонот Литл Котонвуд и потврдиле дека двајца скијачи загинале, пишува Би-би-си.
Третиот скијач успеал да се ископа од лавината и бил пренесен во болница. Имињата на загинатите мажи се уште не се објавени, но станува збор за скијачи на возраст од 23 и 32 години. Едниот бил од Јута, додека другиот пристигнал да скија од друга американска држава.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.
Свет
Германски министер: И Берлин размислува за забрана за испраќање оружје во Израел
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, рече дека Берлин размислува за слични чекори по американската закана дека ќе запрат дополнителни испораки на оружје за Израел доколку извршат голем напад врз градот Рафа во јужниот дел на Газа.
„За ова во моментов се разговара“, изјави министерот за германскиот медиум ЗДФ во четвртокот навечер. Сепак, одговорноста за тоа е на канцеларката и на Министерството за надворешни работи, додаде тој.
За тоа зборуваа „зад затворени врати“. На прашањето дали го разбира потегот на американската влада, Писториус рече: „Да, можам да го разберам тоа“.
Израелските операции во Рафа во моментов се главно ограничени на источниот дел на градот, каде на почетокот на неделата беше издадена наредба за евакуација.
САД се главниот поддржувач на Израел, но претседателот Џо Бајден се закани дека дополнително ќе ги прекине испораките доколку премиерот Бенјамин Нетанјаху започне голема офанзива. Израел вели дека целта на операцијата Рафа е да се елиминира палестинската екстремистичка организација Хамас.