Свет
Загина познатиот бразилски сурфер Мед Дог
Познатиот бразилски сурфер Марсио Фреире (47) загина за време на тренинг на огромни бранови во Назаре, Португалија.
Фреир бил погоден од голем бран за време на едно од неговите спуштања, а иако помошниот персонал на џет скии успеале да го извлечат 47-годишникот до плажата, сите обиди да го оживеат пропаднале.
Според португалскиот печат, неговото тело ќе биде пренесено во Институтот за правна медицина во Леирија. Тоа е првата смртност на сурфер во областа, која може да се пофали со некои од најголемите бранови во светот.
„За жал, ниту еден од обидите за реанимација не беше успешен и беше констатирана смрт на лице место“, изјави шефот на капетанијата на Назаре, Марио Лопес Фигуеирдо, за португалската новинска агенција „Луси“.
Фреире беше еден од тројцата бразилски сурфери кои станаа познати како Мед Догс (Луди кучиња) откако ги освоија огромните бранови на Хаваи. Тие глумеа и во документарниот филм „Мед Догс“ од 2016 година.
„ Денес изгубивме голем човек, многу добар пријател и легендарен сурфер Марсио Фреире. Беше толку ведар дух, секогаш со насмевка на лицето. Почивај во мир пријателе”, напиша спортскиот фотограф Фред Помпермаер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

