Свет
Загубата на Боинг порасна на шест милијарди долари
Американскиот производител на авиони Боинг денеска објави дека во третиот квартал работел со загуба од над шест милијарди долари, со повеќекратни загуби во одделите за комерцијални авиони, воена и вселенска опрема.
Приходите на американскиот авијациски гигант во периодот од јули до септември изнесуваат 17,84 милијарди долари и се за еден отсто помалку од истиот период лани.
Компанијата го затвори третиот квартал со нето загуба од 6,17 милијарди долари, речиси четири пати поголема од минатото лето. Во пролетниот квартал таа изнесуваше 1,44 милијарди долари, а во првите три месеци од годинава 355 милиони долари.
Од почетокот на годината, Боинг акумулираше загуби од речиси осум милијарди долари, со прекинот на производството на авиони од типовите 737 MAX, 777 и 767, штрајкот на работниците и проблемите во сегментот на оружје и вселенско производство. Во деловниот сегмент со комерцијални авиони, оперативната загуба се зголеми на четири милијарди долари во третиот квартал и беше речиси шест пати поголема отколку во истиот период во 2023 година.
Сегментот воена опрема, простор и безбедност работеше со оперативна загуба од 2,38 милијарди долари, два и пол пати поголема од лани.
Новиот извршен директор Кели Ортберг нагласи во писмо до вработените дека мора да ги подобрат перформансите во сегментот на воена опрема и програмите за модели на авионите 737 MAX и 777 и да ја стабилизираат компанијата која се најде на крстопат по серија инциденти од почетокот на годината.
Инцидентите уследија по двете несреќи со 737 MAX во 2019 година во кои загинаа вкупно 346 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во рафинерија за нафта во Хавана
Пожар вчера избувна во рафинеријата за нафта „Нико Лопез“ во Хавана, што ќе ја влоши кризата со гориво во Куба, предизвикана од ембаргото на САД.
Најголемата рафинерија е сместена во пристаништето во Хавана, каде пред два дена пристигнаа два мексикански бродови со повеќе од 800 тони хуманитарна помош.
Сè уште е непознато дали огнот ги зафатил резервоарите за складирање на нафта.
Куба уште од 1962 година е под американско ембарго, поради што земјата е во економска криза, а се соочува со прекини во снабдувањето со електрична енергија, недостиг на гориво, лекови и храна. Ситуација се вложи откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе фи стопира сите испораки на нафта за Куба и ќе воведе царини за секоја држава која ќе испорача нафта за Хавана.
Со приведувањето на поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро и неговата сопруга од страна на американските сили, Куба го изгуби најважниот сојузник и најголемиот извор на нафта. Повеќе недели на Куба не пристигнал ниту еден танкер со нафта.
Поради кризата со гориво затворени се универзитети, училиштата работат со скратено време, редуциран е јавниот транспорт и е ограничена продажбата на гориво. Исто така и болниците работат со намален персонал.
Трамп минатиот месец изјави дека Куба се движи кон пропаст и ја повика Хавана да склучи договор „пред да биде предоцна“. Тој сака промена на кубанскиот режим.
Обединети нации синоќа изразија загриженост поради кризата на Куба.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.

