Свет
Захарова: Русија на ниту еден начин не прифаќа влез на Украина во НАТО
Влезот на Украина во северноатлантскиот блок е неприфатлив за Русија во која било форма, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, коментирајќи ги зборовите на поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен за влез на Украина во Алијансата“.
„Постојано го објаснуваме нашиот став во однос на влезот на Украина во НАТО од 2008 година, кога Алијансата првпат му вети членство на Киев. Позицијата на Русија не е променета. Влезот на Украина во НАТО во каква било форма е неприфатлив за Русија“, изјави Захарова.
Таа посочи дека политиката на НАТО кон Москва е агресивна, истакнувајќи дека пристапот на Киев во Алијансата претставува закана за безбедноста на Русија.
Претходно „Гардијан“ објави дека поранешниот генерален секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен предложил Украина да биде прифатена во Алијансата без изгубени територии, односно само во границите што ги контролира Киев.
„Таквиот однос на земјите од колективниот Запад кон Украина е некрофилија. Или поранешниот генерален секретар на НАТО предложи тоа да се прифати во делови, или Полска бара ексхумации како услов за влез во евроатлантските институции. Ако тргнеме од фактот дека на Западот нема место за мир и преговарачки процес, ако не ги земат предвид овие сценарија за Украина, бидејќи се фокусираа исклучиво на агресија и војна, тоа е логичен заклучок на таквата филозофија“, вели Захарова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Евакуиран аеродромот Гетвик, лондонската полиција го истражува безбедносниот инцидент
Лондонскиот аеродром Гетвик, наводно, е евакуиран, а на патниците им било кажано да „излезат веднаш и да се држат настрана“ додека полицајците го истражуваат безбедносниот инцидент.
Голем дел од јужниот терминал на аеродромот е евакуиран, а на патниците им е забранет влезот, објави британскиот весник „Сан“.
Од аеродромот соопштија дека евакуацијата била „мерка на претпазливост“ додека полицајците истражуваат „безбедносен инцидент“.
Амбасадата на САД во Лондон е затворена поради безбедносна тревога.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.
Свет
Украинскиот парламент ја откажа седницата поради закана од напад
Украинскиот парламент ја откажа седницата поради нова закана од напади.
„Блумберг“ пренесува дека овој потег доаѓа откако Москва вчера лансира експериментална балистичка ракета со среден дострел кон Украина.
Како што најавија надлежните, пленарната седница ќе продолжи следната недела.
Украина објави дека Русија вчера лансирала нов тип балистичка ракета кон градот Днипро како најнова ескалација на непријателствата и алармантен сигнал до западните поддржувачи на Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека Русија како одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел лансирала нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ на украинска територија, на која, како што рече, современите системи немаат начин да ѝ се спротивстават.