Свет
Зеленски го претстави планот за победа против Русија: „Ако се исполни сè, најдоцна в година можеме да ја завршиме војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на седницата на парламентот го претстави планот за победа во војната против Русија.
Планот се состои од пет клучни точки: членство во НАТО, одбрана, одвраќање на руската агресија, економски раст и соработка, повоена безбедносна архитектура.
Покрај тоа, планот вклучува три тајни точки, кои нема да бидат откриени во јавноста, но ќе бидат клучни за спроведување на стратешките цели на Украина.
Парламентарниот претставник Дејвид Арахамиа изјави дека тајните точки ќе им бидат претставени на претседателите на партиите, пишува „Киев индипендент“.
„Доколку планот биде поддржан, најдоцна в година можеме да ја завршиме војната“, рече Зеленски во парламентот.
Членството на Украина во НАТО беше на самиот почеток на планот. Иако Украина ја поднесе својата апликација за членство во септември 2022 година, тие сè уште немаат добиено јасен одговор од западните сојузници.
„Ние разбираме дека членството во НАТО е прашање на иднината, а не на сегашноста“, посочи Зеленски.
„Ако Путин ги постигне своите налудничави геополитички, воени, идеолошки и економски цели, тоа ќе создаде огромен впечаток кај другите потенцијални агресори, особено во регионот на Персискиот Залив, регионот на Индо-Пацификот и Африка, дека агресивните војни може да бидат профитабилни за нив исто така“, рече тој.
„Мораме да спроведеме план за победа за да ја принудиме Русија да биде на мировниот самит и подготвена да стави крај на војната“, заклучи Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По пет часа заврши средбата меѓу Путин и Американците – продуктивно, но без компромис за мировниот план, според првичните реакции
Разговорот на рускиот претседател Владимир Путин со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, заврши во Кремљ по повеќе од пет часа.
Заедно со Путин, во руската делегација се и двајца негови советници, Кирил Димитриев и Јуриј Ушаков.
По средбата, Димитриев се огласи на социјалната мрежа „Икс“, каде што објави фотографија од средбата со стикер од гулаб со маслиново гранче, што симболизира мир.
Productive 🕊️ pic.twitter.com/YlkqF0b7tr
— Kirill Dmitriev (@kadmitriev) December 2, 2025
„Продуктивно“, напиша тој, пренесе „ТАСС“.
По него, зборуваше и Јуриј Ушаков.
Тој рече дека засега не е изнајден компромис на мировниот план за решавање на ситуацијата во Украина.
„Сè уште не е пронајдена компромисна варијанта на мировниот план за Украина, но некои американски нацрти за мировно регулирање изгледаат повеќе-или-помалку прифатливи, но потребна е дискусија. Некои формулации што ни беа предложени не ни одговараат. Односно, работата ќе продолжи“, објасни Ушаков, во изјава што ја пренесоа руските медиуми.
Свет
Италија планира да ја одложи одлуката за продолжување на воената помош за Украина
Италијанската влада има намера да го одложи одобрувањето на декретот што ќе му дозволи на Рим да ја продолжи воената помош за Киев за следната година, соопштија денес извори блиски до ова прашање, пренесе „Ројтерс“.
Застојот доаѓа во услови на тензии во десничарската коалициска влада околу поддршката за Украина. Премиерката Џорџа Мелони вети продолжување на помошта, но нејзиниот заменик Матео Салвини ја доведе во прашање оправданоста на таа одлука.
Во својата критика за помошта за Украина, Салвини се осврна на корупцискиот скандал во енергетскиот сектор што ја тресе администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, италијанската влада испрати 12 пакети воена помош за Украина, вклучувајќи го и системот за воздушна одбрана SAMP/T.
Прописите ѝ дозволуваат на владата да дејствува без да бара одобрение од парламентот за секоја нова рунда воени испораки. Важечкиот пропис истекува на крајот од годината.
Откако ќе биде одобрен од владата, новиот пропис ќе стапи на сила веднаш, но парламентот ќе мора да го ратификува во рок од 60 дена.
Свет
Путин три часа преговара со пратениците на Трамп за Украина
Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, трае веќе три часа и засега нема најава за негово завршување. На состанокот учествуваат и Јуриј Ушаков и Кирил Дмитријев од руската страна, како и Џаред Кушнер од американската делегација.
Состанокот е дел од интензивна дипломатска активност последниве две недели. Според изворите на Аксиос, Виткоф и Кушнер утре треба да го информираат украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорите во Москва.
Американскиот план за примирје, првично со 28 точки, сега е фокусиран на утврдување де факто граница како дел од можен договор. Путин изјави дека предложениот план може да биде основа за разговори, но Русија не отстапува од клучните барања, вклучувајќи ја и контролата врз целиот Донбас. САД наводно ја повикале Украина да направи територијален отстапок, што е политички тежок потег за Киев.
Зеленски од Даблин порача дека најтешки делови од планот се територијата, користењето замрзнати руски средства и безбедносните гаранции. Тој смета дека постои „најголема шанса досега“ да се стави крај на војната. Потврди дека со САД е усогласен нов мировен договор со 20 точки.
Украина е подготвена за нова средба со Виткоф и Кушнер по нивниот состанок во Москва, а опција е таа да се одржи во Брисел, каде утре заседава НАТО. На состанокот нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио.

